Транспаренси Интернешнл-Македонија продолжува да ја спроведува редовната месечна активност за следење на случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата, што ја нарековме „Бистро-Матно“.
Следењето на овие случаи има голем одзив, како во јавноста, така и меѓу домашните и странските институции и со текот на времето прерасна во релевантен алтернативен барометар на корупцијата и на волјата на државата да се справува со овој проблем. На овој начин, сите заедно придонесуваме за поголема свест за овој проблем во општеството во целина.
=========================================================================================
“МАТНИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ МАРТ 2026 ГОДИНА
Барал 100.000 евра за увоз на забранета стока: Директорот на инспекторатот криел 50.000 евра под седиште во автомобил – Полициски службеници го лишија од слобода директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, кој се сомничи дека примил поткуп од 50.000 евра како прва рата од вкупно побарани 100.000 евра, соопшти Министерството за внатрешни работи. Според информациите од МВР, осомничениот, во својство на службено лице, преку шпедитер индиректно побарал поткуп од сопственик на фирма што се занимава со увоз. Поткупот бил барањe за да се овозможи непречен увоз на стока за која биле наведени забелешки и наводна законска несогласност, за што бил изготвен и записник од Инспекторатот.
Сомнежи за нестручно постапување на судии од Апелација Скопје, предмети застарувале поради одложувања – Судскиот совет на 538. седница констатира сериозни сомнежи за нестручно и несовесно постапување на судии од Апелациониот суд Скопје, поради неразумно одолжување на судски постапки што резултирало со апсолутна застареност на предмети. Работната група констатирала пречекорување на роковите за објавување пресуди, како и неоправдани одложувања на јавни седници по барање на бранителите, со што обвинетите подолго останувале во куќен притвор. Во извештајот е наведено дека ваквото постапување е спротивно на член 405 став 1 од Законот за кривичната постапка, според кој пресудата треба да се објави веднаш по нејзиното изрекување, а ако тоа не е возможно, објавувањето може да се одложи најмногу за три дена
ДЗР: Неправилности во Министерството за односи меѓу заедниците за 2024 година, недостигаат 30 лаптопи, исплаќана плата без присуство на работа… – Државниот завод за ревизија при ревизија во Министерството за односи меѓу заедниците за 2024 година констатирал кусоци на материјални средства, вклучувајќи 30 преносни компјутери, исплата на 61 процент на име плата на вработените без да се обезбедат податоци за нивното присуство на работа и точење нафтени деривати во возила за кои не може да се потврди дека се во сопственост на Министерството. Државниот инспекторат за градежништво остана без инспектори, институцијата 8 години нема директор – Нема кој да врши инспекциски надзор во градежништвото, бидејќи последниот инспектор кој работел на тоа исполнил услови за пензија на крајот на 2025 година. Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам веќе осма година го води в.д. директор кој треба својата работа да ја заврши за шест месеци, а на негово место да биде назначен директор со решение. Општините речиси и да не реагираат на неправилностите од извршените редовни и вонредни инспекциски надзори, а општинските инспектори често не ги гледаат неправилностите на терен. ДЗР откри сериозни нерегуларности во ДИК за изборите во 2024 година кои ги чинеа граѓаните 23 милиони евра – Ревизорскиот извештај на Државниот завод за ревизија (ДЗР) за 2024 година, т.е. за време на претседателските и парламентарните избори, откри серија системски недостатоци во работата на ДИК. Констатирани се низа недоследности – од незаконска распределба на средствата за изборна кампања, преку спроведување на набавки надвор од Законот за јавни набавки, сè до немање соодветни услови за чување на доверливиот материјал.
Институциите „не ги фермаат“ укажувачите, само една петтина имаат назначено луѓе за пријави од „укажувачи“ – Иако укажувачите, или познати како „свиркачи“ се меѓу најефективните за разоткривање на корупцијата и борба против неа, од вкупно 1.320 институции, бројот на оние што имаат овластено луѓе за пријави од укажувачи е 270, што е само 20 отсто. Вкупниот број на вакви назначени луѓе во Македонија во 2025 година бил 280, што значи дека во одредени институции има по двајца или повеќе, додека во поголемиот дел воопшто нема.
Корупција во здравството: Пациенти плаќаат за побрз пристап до услуги – Околу 200 од вкупно 1.240 анкетирани лица, преку телефонско и фокус група истражување, велат дека биле сведоци на корупција во здравствениот систем, но повеќето од нив посведочиле во фокус групите. Најчесто, како што покажува истражувањето на Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените, од пациентите се барале пари или подароци за побрзо и полесно да добијат здравствена услуга. Ниту еден од анкетираните непријавил ваков случај, бидејќи не веруваат дека институциите ќе го решат проблемот. Дел од нив кои платиле ја добиле услугата, додека кај оние што одбиле, состојбата се влошила.
“БИСТРИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ МАРТ 2026 ГОДИНА
Уставниот суд објави дека седниците ќе ги пренесува во живо – Од 4 март седниците на Уставниот суд ќе може да се следат во живо преку официјалната веб-страница на Судот и неговите дигитални канали на Јутјуб и Фејсбук. Одлуката е донесена со мнозинство гласови од актуелниот состав на Судот. Од Уставниот суд ваквиот потег го нарекуваат нова ера на транспарентност и историски исчекор кон целосна институционална отвореност.
Антикорупциска поведува постапки, 234 советници не поднеле изјава за имот – Членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата на седница едногласно одлучија да поведат постапки против 234 советници избрани во општините во државата, кои не ја исполниле законската обврска за поднесување изјава за имотна состојба и интереси во предвидениот рок. Претседателот на Комисијата, Адем Чучуљ, информираше дека анализата на електронската евиденција покажала дека околу една петтина од советниците во општинските совети не ја доставиле задолжителната изјава, што претставува прекршување на одредбите од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси.
Финансиска поднесе кривична за поранешниот директор на „Комунална хигиена“ – овозможил физички лица да стекнат корист од 68 500 евра – Управата за финансиска полиција поднесе обемна кривична пријава против поранешниот в.д. директор на ЈП „Комунална хигиена“ Скопје. Тој се товари за три кривични дела злоупотреба на службената положба, фалсификување исправа и проневера во службата – во обид. Според истрагата, се обидел да овозможи противправна корист на неколку лица во вкупен износ од околу 68,5 илјади евра. Во описот од Финансиска се вели дека пријавениот, во текот на 2025 година, само два дена пред истекот на постоечки договор со авторска агенција, набрзина склучил пет договори со физички лица кои биле во вкупен износ од 3.608.708 денари.




