Транспаренси Интернешнл-Македонија продолжува да ја спроведува редовната месечна активност за следење на случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата, што ја нарековме „Бистро-Матно“.
Следењето на овие случаи има голем одзив, како во јавноста, така и меѓу домашните и странските институции и со текот на времето прерасна во релевантен алтернативен барометар на корупцијата и на волјата на државата да се справува со овој проблем. На овој начин, сите заедно придонесуваме за поголема свест за овој проблем во општеството во целина.
=========================================================================================
“МАТНИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ АПРИЛ 2026 ГОДИНА
Извештај на ДКСК: Систем за интегритетот на хартија, слаб во пракса – Институциите во земјава формално го воспоставуваат системот за интегритет, но неговата реална примена останува нееднаква и често недоволна, особено во делот на управување со ризици и судир на интереси- стои во извештајот на Државната комисија за спречување на корупцијата. Анализата покажува дека системот за интегритет треба да премине од декларативна во оперативна фаза, со јасни процедури, механизми за отчетност и реална примена на правилата, особено во чувствителни области како јавните набавки, подароците и управувањето со дискрециони овластувања. Извештајот укажува дека клучен проблем останува фактот што многу институции ги донесуваат потребните акти, но тие не се применуваат во пракса, што директно влијае врз довербата на граѓаните и ефикасноста на системот.
„Судскиот совет нетранспарентно и зад затворени врати одлучува за пресуди од Стразбур“ – Блупринт групата за реформи во правосудството изрази сериозна загриженост поради одлуката на Судскиот совет на Република Северна Македонија да ја исклучи јавноста од својата седница одржана на 15 април. Реакцијата доаѓа откако Советот зад затворени врати одлучувал по барање за повторување на постапка врз основа на пресуда од Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП). Невладините организации кои го следат судството оценуваат дека ваквата пракса претставува сериозно отстапување од принципите на транспарентност и отчетност и дека кога Судскиот совет одлучува за вакви сензитивни прашања без присуство на јавноста, директно се доведуваат во прашање правната сигурност и ионака кревката доверба во институцијата. Блупринт групата за реформи во правосудството реагираше на „недоволно транспарентното“ усвојувањето на Извештајот за работата на Судски совет – Блупринт групата за реформи во правосудството изрази загриженост за, како што наведува, недоволно транспарентното постапување на Судскиот совет на Република Северна Македонија при усвојувањето на Извештајот за работа за 2025 година. Според групата, процесот на усвојување отвора проблеми во неколку клучни аспекти, меѓу кои се ограничената суштинска вклученост на граѓанските организации, недоволната аналитичка содржина на извештајот и отсуството на аргументирана и продлабочена дискусија на седницата. Од Блупринт групата посочуваат дека иако граѓанските организации биле формално поканети на седницата, тие немале можност за суштинско учество во расправата, што, како што наведуваат, е спротивно на препораките од Оценската мисија на Европската унија и од Деловникот за работа на Судскиот совет.
„Агенцијата за катастар со неправилности во евиденцијата на имотот и пописот“ – Државниот завод за ревизија (ДЗР) во својот најнов конечен извештај за 2024 година изрази мислење со резерва за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи на Агенцијата за катастар на недвижности (АКН). Иако институцијата е усогласена со законската регулатива во поглед на трансакциите, ревизорите открија сериозни пропусти во сметководственото евидентирање на државниот имот и спроведувањето на пописот. Еден од клучните наоди на ревизијата е дека АКН не евидентирала два градежни објекти за кои има стекнато право на трајно користење.
Корупција има во секоја втора набавка во здравството, вели ново истражување – Здравствените институции неретко ги евалуираат примените понуди непрецизно и со невоедначени критериуми, избирајќи понуди кои не ги исполнуваат барањата од тендерската документација, се вели меѓудругото во истражувањето на Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) за коруптивните шеми во јавните набавки во здравството воочени преку жалбите. Според истражувањето, во 71 отсто од жалбите на фирмите се оспорува одлуката за избор на најповолна понуда, што укажува дека главниот извор на нерегуларности во здравствените тендери е евалуацијата на понудите како фаза со највисок ризик од фаворизирање на одредени понудувачи. Еден од најчестите проблеми се нејаснотиите во врска со потребната документација за пуштање во промет и увоз на лекови, што создава административни пречки во тендерската постапка и го зголемува ризикот од субјективно постапување.
Репортери без граници 2026: Македонија паѓа на 45. место, економскиот притисок го гуши новинарството – Новиот индекс на слободата на медиумите покажува дека македонското новинарство опстојува на донации и е изложено на притисок од маркетинг агенции, додека државното финансирање останува нетранспарентно. Организацијата Репортери без граници (RSF) ја рангираше Македонија на 45. место од 180 земји во Индексот на слободата на медиумите за 2026 година, три места пониско од претходната година. Со скор од 69.49, земјата бележи пад во економскиот индикатор каде се наоѓа дури на 61. позиција, а главните причини се нетранспарентното државно финансирање, зависноста од странски донатори и притисокот од маркетинг агенции врз редакциите.
“БИСТРИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ АПРИЛ 2026 ГОДИНА
Над 7.000 пресуди во Кривичен за три месеци: 620 пресуди за полнолетни, 6534 прекршоци во квартал – Основниот кривичен суд Скопје го објави првото издание на својот е-весник, во обид да ја зголеми транспарентноста и да ја приближи својата работа до јавноста. Во првиот број, судот излегува со конкретни бројки за сработеното во првиот квартал од 2026 година, но и со примери од судската практика и пораки за јакнење на довербата во правосудството. Според објавените податоци, во период од три месеци донесени се 620 пресуди за полнолетни сторители, 60 за малолетници и дури 6534 пресуди во прекршочна постапка. Во делот за организиран криминал и корупција, судот информира дека биле определени повеќе видови мерки, меѓу кои ефективни притвори, куќни притвори и мерки на претпазливост, како и пресуди врз основа на спогодби. Според податоците Основниот кривичен суд Скопје во извештајната 2025 година го совладал приливот и го намалил заостатокот. Од вкупниот број на предмети во работа решил 86,19% од предметите. Според податоците Основниот кривичен суд Скопје во 2025 година е ажурен суд.
„Природните ресурси се заедничко добро“ – „Еко правда“ отвори петиција против законите за минерални суровини и концесии – Граѓанска организација „Еко правда“ покрена јавна онлајн петиција против предложените измени на Законот за минерални суровини и Законот за концесии и јавно-приватно партнерство, кои се наоѓаат во собраниска процедура.„Предложените измени создаваат реален ризик од негативни последици по јавниот интерес, вклучувајќи олеснето доделување концесии и отворање нови рудници, со што се зголемува притисокот врз природните ресурси. Понатаму, проширување на можностите приватни субјекти да иницираат проекти од ‘јавен интерес’, без доволно јасни критериуми. Исто така, потенцијална злоупотреба на поимот ‘јавен интерес’, што може да резултира со експропријација на приватен имот. Воедно, долгорочни последици врз животната средина – загадување на вода, почва и воздух, како и ризици по здравјето на населението, особено во локалните заедници“, стои во петицијата.
Судски полицаец и доставувач се осомничени за поткуп, зеле мито за ослободителна пресуда во Апелација – Јавен обвинител од ОЈО ГОКК донесе наредби за спроведување на истражна постапка против две лица за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело Примање награда за противзаконито влијание. Осомничените – судски полицаец и доставувач од Основниот кривичен суд Скопје, во периодот од август 2025 година до 07.04.2026 година директно примиле награда во паричен износ од 500 евра и 60 000 денари од сведок, за посредување на судскиот полицаец во повисоките судови со цел да издејствува ослободителна пресуда.




