Во 2024 година, Транспаренси Интернешнл-Македонија го подготви третиот по ред Национален систем за интегритет (НСИ) како дел од проектот: „ЕУ4 Владеење на правото: Граѓански ангажман за јавен интегритет (ЦЕПИ) во Западен Балкан и Турција“, финансиран од страна на Европската Унија и Владата на Швајцарија. Националниот систем за интегритет (НСИ) ги опфаќа главните институции за управување во земјата кои се борат против корупцијата. Во рамките на оваа анализа се оценуваат 15 столбови.
Државниот завод за ревизија е прворангирана институција во рамките на Националниот систем за интегритет со вкупна оцена од 86 поени.
Оцената за капацитет изнесува 83, а се состои од оцена за ресурсите и независноста на институцијата.
Државниот завод за ревизија (ДЗР) е независна институција предводена од главен државен ревизор именуван и одговорен пред Собранието чии одговорности се уредуваат со Законот за државна ревизија (ЗДР). Законот нуди правна основа за независност на ДЗР, а сепак неговата независност не е вклучена во Уставот. ДЗР има финансиска и оперативна независност што овозможува непречено вршење на работата.
Во делот на управување се оценува транспарентноста, отчетност и интегритет и оцената за овој дел е 92.
ДЗР е транспарентна, редовно навремено објавува релевантни информации на својата веб-страница, иако нема законски рок за објавување на овие подробности. Институцијата има изготвено своја политика за интегритет и етички кодекс и постојано работи на интегритетот на самата институцијата. ДЗР е одговорен пред Собранието и доставува годишен извештај за ревизиите и работата. Сепак, навременото разгледување на годишните извештаи недостасува поради тоа што нема законски рок за нивно разгледување.
Улогата ја вклучува ефективноста на финансиските ревизии, подобрување на финансиското управување и до кој степен се нудат ефективни ревизии за јавните расходи. Оцената за логата на ДЗР изнесува 83.
ДЗР обезбедува ефективни финансиски ревизии, но нивното влијание е ограничено поради тоа што субјектите предмет на ревизија не ги спроведуваат навремено препораките. Исто така нема механизам или веб-алатка за Собранието за јавноста да го следи спроведување на препораките. ДЗР соработува со релевантните институции во делот на користење на извештаите на ДЗР во нивната работа на контрола и истраги во трошењето на јавните средства. Сепак, кога станува збор за санкционирање на несоодветно однесување утврдено во ревизорските извештаи, јавното обвинителство често не поведува истраги, како поради недостаток од капацитети, така и поради надворешно мешање.
Препораки за столбот:
- Независноста на ДЗР треба да се вклучи во Уставот
- Треба да се воведат законски рокови за навремена контрола и објава на годишните извештаи на ДЗР
- Институцијата треба да ги пополни систематизираните работни места и да го направи механизмот за следење на спроведувањето на препораките дадени од ДЗР јавно достапен.
Ова видео е подготвено во рамките на проектот: „ЕУ4 Владеење на правото: Граѓански ангажман за јавен интегритет (ЦЕПИ) во Западен Балкан и Турција“, имплементиран од Транспаренси Интернешнл- Македонија, а финансиран од страна на Европската Унија и Владата на Швајцарија.