На 08 октомври 2024, претседателот на невладината организација „Транспаренси Интернешнл – Македонија“, Благоја Пандовски заедно со генералниот секретар Методи Зајков и Марија Сунчевска, програмски менаџер остварија средба со министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Средбата доаѓа во време кога Министерството за внатрешни работи се залага максимално и ги става на располагање сите свои капацитети за бескомпромисна борба против корупцијата на високо ниво и оттука и двете страни ја оценија како навистина потребна и продуктивна.
За време на средбата беше претставен извештајот насловен како Национален систем за интегритет, во кој детално се разгледува работењето и функционалноста на 15 државни институции во периодот од 2022-2023 година. Воедно разговарано беше и за зајакнување на интегритетот на полициските службеници, како и на сите останати вработени во Министерството за внатрешни работи, а предложени беа и модалитети за остварување на таа цел. Во таа насока, двете страни разговараа за потпишување на Меморандум за соработка преку кој би била олеснета натамошната соработка од заеднички интерес.
Беше разговарано и за соработка во делот на заштитата на укажувачи и овозможување на користење на примена и употреба на GlobaLeaks платформата за безбедно и анонимно поднесување на пријави од укажувачи и останати граѓани.