Транспаренси Интернешнл-Македонија продолжува да ја спроведува редовната месечна активност за следење на случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата, што ја нарековме „Бистро-Матно“.
Следењето на овие случаи има голем одзив, како во јавноста, така и меѓу домашните и странските институции и со текот на времето прерасна во релевантен алтернативен барометар на корупцијата и на волјата на државата да се справува со овој проблем. На овој начин, сите заедно придонесуваме за поголема свест за овој проблем во општеството во целина.
======================================================================================
“МАТНИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ СЕПТЕМВРИ 2026 ГОДИНА
Приведениот владин возач примил мито за да му помогне на скопјанец да се вработи како пожарникар, соопшти ОЈО ГОКК – „Постапката е иницирана по пријава на граѓанин од кого осомничениот, во периодот од 24 јули до 4 септември 2026 година, побарал 1 500 евра за да го искористи своето претпоставено влијание. Осомничениот, кој работел како возач на висок владин функционер, му ветил на оштетениот дека ќе посредува кај службени лица во Град Скопје во врска со вработување по распишан оглас за прием на пожарникари. По пријавувањето, надлежните органи, во координација со предметниот обвинител, презедоа дејствија за обезбедување докази. На 4 септември 2026 година, осомничениот е затекнат при примопредавање на 500 евра како дел од побараната награда од 1 500 евра, кои претходно биле обележани“.
Судскиот совет предупредува на недостиг од кадар, судовите оценети како неажурни со 149.415 нерешени предмети – На ниво на државата судовите во вториот квартал не успеале да го совладаат приливот на нови предмети и го зголемиле заостатокот за 2.127 предмети, беше констатирано на седница на Судскиот совет кој ги усвои тримесечните извештаи за работата на судовите во периодот април-јуни 2026 година. Согласно извештаите, судовите го започнале вториот квартал со 147.288 нерешени предмети, примиле 121.909 нови, имале вкупно во работа 269.197 предмети, од кои решиле 119.782, додека на крајот од периодот останале нерешени 149.415 предмети. Работата на судовите на ниво на државата е оценета како неажурна, а како еден од клучните проблеми повторно беше посочен недостигот од судски службеници. Застареле дури 70 судски предмети по скандалозните измени на Кривичниот законик во 2023 година – Статистиката на Кривичниот суд за застарени предмети, во изминатите пет години, ги покажува штетните последици кои настанаа по скандалозните измени на Кривичниот законик во 2023 година. Со овие измени драстично беа намалени казните за ,,Злоупотреба на службената положба и овластување, поради што застареа и десетина предмети кои се водеа против поранешни или сегашни функционери. Па така, според статистиката на Кривичниот суд, во 2022 година, пред законските измени, имало 16 застарени предмети. Веќе следната година, кога се донесени измените, но и понаредната година, се забележува раст на пропаднатите предмети. Па така, во 2023 година застареле 18 предмети, во 2024 година 26, минатата година 20 предмети и годинава 6. Голем дел од овие предмети застареле токму поради законските измени на КЗ.
ДЗР: Зголемени ризици од катастрофи, но недоволна подготвеност на системот за заштита и спасување – Во услови на зголемена изложеност на ризици од катастрофи, особено од шумски пожари, поплави и екстремни временски услови, системот за заштита и спасување во Македонија не секогаш располага со потребната стратешка, институционална и оперативна подготвеност за ефикасен одговор – констатира Државниот завод за ревизија. Во извршената ревизија на успешност на тема „Градење систем за управување со кризи, заштита и спасување преку инвестиции во опрема и ресурси, одржување средства, со цел да се зголеми оперативноста, ефикасноста и ефективноста“ ревизорите утврдиле слабости во стратешкото планирање, координацијата и управувањето со ресурсите, недоволни човечки и материјални капацитети, како и ограничено инвестирање во модернизација и опремување. Ревизија: Бум на фотоволтаици, слабости со дозволите – Додека Северна Македонија бележи историски раст на производството на струја од сонце и невиден бум на инвестиции во фотоволтаици, Државниот завод за ревизија предупредува дека институциите не успеале да изградат ефикасен, координиран и целосно законски усогласен систем за издавање дозволи. Во конечниот извештај за успешност, објавен во јули 2026 година, ревизорите идентификуваат сериозни системски слабости, недоволна координација меѓу институциите, недостаток на надзор и случаи на незаконско постапување при одобрувањето на проекти за фотоволтаични електроцентрали. Извештајот доаѓа во период кога енергетската транзиција се забрзува, а струјата од сонце зазема сѐ позначајно место во домашниот енергетски микс. ДЗР: Утврдени слабости во јавните набавки во ЕСМ – ограничена конкуренција, постапки со само една понуда измени на тендерската документација – Државниот завод за ревизија утврдил низа слабости во планирањето, спроведувањето и реализацијата на јавните набавки во АД ЕСМ – Скопје. Ревизијата опфатила 27 постапки, со кои во 2024 година биле преземени обврски во вкупен износ од околу 143,6 милиони евра. Според ревизорите, годишниот план за јавни набавки бил подготвуван без соодветно истражување на пазарот и аналитички пристап при утврдувањето на потребите. Ревизијата открила и конкретни случаи на нецелосно или нерационално искористување на набавените средства. ДЗР: Работните спорови ја чинеле државата 64 милиони евра за шест години — речиси тројно повеќе луѓе тужеле – Државата за шест години исплатила речиси 64,4 милиони евра по основ на судски постапки од работни спорови, покажува ревизијата на успешност што ја спроведе Државниот завод за ревизија. Речиси половина од исплатената сума не се однесува на главниот долг, туку на камати и трошоци на парничните и извршните постапки. Пазарниот инспекторат со само петмина вработени ја контролира безбедноста на производите на пазарот, тестирањата се финансираат од странски проекти, предупреди државниот завод за ревизија – Одделението за инспекциски надзор за безбедност на производи при Државниот пазарен инспекторат работи со критичен недостиг на кадар, а лабораториските испитувања за исправноста на стоките на домашниот пазар речиси целосно се потпираат на странска помош, утврди Државниот завод за ревизија во извештајот за 2024 година. Според извештајот за работењето на инспекторатот, од предвидените 14 работни места во ова одделение, заклучно со крајот на 2024 година биле пополнети само пет позиции, што претставува системска слабост во системот за заштита на потрошувачите.
ЦГК: Тендерот за набавка на електрични автобуси е спроведуван трипати во период од 15 месеци – не победила најниската понуда – Центарот за граѓански комуникации го објави истражувањето Јавен надзор над јавните набавки: Студии на случај (издание бр.3). Според истражувањето, постапката била спроведена трипати во период од 15 месеци, при што со секое повторување станувале познати учесниците, нивните цени и понуди. Како што наведуваат, унгарскиот „Икарус Електрик“ и кинескиот „Зонгтонг Бас Холдинг“ во вториот тендер настапувале како конкуренти, а во третиот доставиле заедничка понуда, која била избрана како најповолна. Вредноста на набавката изнесува 60 милиони евра, а победничката понуда не била најниска, откако две поевтини понуди биле отфрлени. Од Центарот оценуваат дека повторувањето на тендерот, промените во условите, составот на понудувачите и недостигот на образложенија за дел од измените создаваат зголемен ризик од фаворизирање и ограничување на конкуренцијата.
Над 70 отсто од жалбите до Агенцијата за слободен пристап до информации се поради молк на институциите, покажува извештај – Од вкупно 623 жалби по кои постапувала Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер во 2025 година, дури 438, односно речиси 70 отсто, се однесувале на непостапување или молк на институциите во законски утврдените рокови, информираше директорот на Агенцијата Петар Гајдов при образложувањето на Годишниот извештај за 2025 година. Според презентираните податоци, најголем број од жалбите ги поднеле физички лица, вкупно 344, по што следуваат невладини организации, здруженија и фондации со 194 жалби.
Цела комисија што предложила Сотирија Дувлис да биде вонредна професорка по имунологија е казнета со по 1.000 евра од Просветниот инспекторат, а нејзиниот избор не е поништен – Универзитетот ги оспорува наодите – Вонредната професорка Сотирија Дувлис, која на студентите по медицина на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип им предава имунологија, била избрана во звањето „вонреден професор по имунологија“ со докторат од областа на фармацијата, а во рецензентската комисија што ја предложила за вонреден професор имало само еден имунолог, наспроти законски предвидените двајца, констатираше Државниот просветен инспекторат на записник од вонреден инспекциски надзор за нејзиниот избор во звањето. Инспекторатот, според наведеното во записникот – ги казнил со глоба од 1.000 евра сите членови на рецензентската комисија зашто, според наведеното, предложиле кандидатка што не ги исполнува условите. За ваквиот избор две илјади евра глоба според записникот од надзорот му се изречени и на Медицинскиот факултет при Универзитетот. Но, звањето „вонреден професор по имунологија“ на Дувлис не е поништено, а таа продолжува да им предава имунологија на идните лекари.
“БИСТРИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ СЕПТЕМВРИ 2026 ГОДИНА
По пријава од граѓанин, ОЈО ГОКК координираше акција поради сомнение за примање поткуп и награда за противзаконито влијание – Постапувајќи по пријава од граѓанин, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во соработка со полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал при МВР реализираше акција во рамки на која од слобода е лишено службено лице – помошник – директор на Секторот за административно – технички работи во Царинската управа. Врз основа на досега прибраните докази, постои основано сомнение дека осомничениот сторил кривични дела Примање поткуп и Примање награда за противзаконито влијание. Во периодот од април/мај до септември 2026 година, осомничениот, користејќи ја својата службена положба, во повеќе наврати побарал и примил парични средства во вкупен износ од 17.500 евра. Дел од средствата, во износ од 7.500 евра, биле побарани и примени во врска со веќе склучен договор за јавна набавка за потребите на Царинската управа, со цел договорот да продолжи да се реализира без пречки и без ризик од негово раскинување.
Поведена истрага за примање поткуп против инспекторка за храна – Oсновното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице за кое постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Примање поткуп според член 357 став 1 од Кривичниот законик. Осомничената 42-годишна вработена во Агенцијата за храна и ветеринарство, како службено лице – инспектор за храна, во периодот од 17 до 25 септември, побарала и примила поткуп во износ од 250 евра од управител на правно лице за да изготви записник со кој ќе констатира дека извршила инспекциски надзор и дека нема неправилности во работата на објектот, односно дека тој ги почитува сите потребни процедури за работа.
Две и пол години затвор за вработената во МВР што фалсификувала возачки дозволи по признавањето вина – Тројца обвинети во предметот за фалсификување возачки дозволи ја признале вината и добиле затворски казни во скратена постапка. На првообвинетата, вработена во Министерството за внатрешни работи, ѝ е изречена казна затвор од две години и шест месеци, а второобвинетиот и третообвинетиот се осудени на една година и три месеци затвор. За сите тројца е продолжена мерката притвор, информираа на брифинг во Основниот кривичен суд Скопје.




