БАРОМЕТАР НА КОРУПЦИЈА за месец Октомври 2024 година
Транспаренси Интернешнл-Македонија продолжува да ја спроведува редовната месечна активност за следење на случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата, што ја нарековме „Бистро-Матно“.
Следењето на овие случаи има голем одзив, како во јавноста, така и меѓу домашните и странските институции и со текот на времето прерасна во релевантен алтернативен барометар на корупцијата и на волјата на државата да се справува со овој проблем. На овој начин, сите заедно придонесуваме за поголема свест за овој проблем во општеството во целина.
===============================================================
“МАТНИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ ОКТОМВРИ 2024 ГОДИНА
- Европската Комисија препорачува да се донесе нов Кривичен Законик откако измените од септември 2023 влијаеа негативно на борбата против корупцијата – Европската комисија препорачува да се донесе нов Кривичен законик во согласност со правото на ЕУ и меѓународните стандарди, во годишниот Извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија. Од ЕК забележуваат дека „измените на Кривичниот законик од септември 2023 година ја ослабнаа правната рамка, негативно влијаејќи на гонењето на корупцијата, особено во случаите на високо ниво“. Во септември 2023 година беа направени измени на КЗ со кои се укинаа и намалија затворските казни за функционерите фатени во криминал. „Многу тековни случаи беа прекинати или поради истечен рок на застареност или поради тоа што конкретни прекршоци, како што е злоупотребата на службената положба при јавните набавки, веќе не постојат“, се вели во извештајот на ЕК. Освен нов КЗ, од ЕК препорачуваат и да се подобри имплементацијата на националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси и да се обезбедат човечки и финансиски ресурси на Основното јавно обвинителство за организиран криминал, како и да се подобри проверката на имотните листови на избраните и именуваните функционери и надзорот над финансирањето на изборната кампања. Во делот за корупцијата, во извештајот се вели дека земјата е помеѓу одредено ниво на подготовка и умерено ниво на подготовка и не постигнала напредок во превенцијата и борбата против корупцијата. „Корупцијата останува распространета во многу области и е прашање што предизвикува сериозна загриженост“, се вели во извештајот.
- Владата треба да биде транспарентна кога се во прашање советниците на Премиерот – И по протекот на повеќе месеци, владата нема објавено кои се лицата кои се советници на премиерот Мицкоски. Владата мора да ги објави имињата, хонорарите и работните обврски на советниците на премиерот. Граѓаните и пошироката јавност имаат право да знаат кој го советува премиерот во насока на креирање на политиките кои не засегаат сите. Секако дека кај јавноста необјавувањето на имињата и хонорарите на советниците на премиерот остава сомнеж за постоење на кронизам и непотизам, меѓутоа не секогаш партиската припадност и блискоста значат кронизам и непотизам по автоматизам. При дефинирањето на кронизмот и непотизмот, многу е битно дали единствен критериум за избор е партиската припадност и блискоста или критериум е способноста, и успешноста на советникот во областа за којашто се избира. Токму затоа, доколку владата сака да ги тргне сите дилеми и сомнежи околу советниците на премиерот, мора во најкраток рок да ги објави имињата, хонорарите и областа на избраните советници.
- Загрижува одлуката за тајно гласање на управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители за изборот на директор – Блупринт групата за реформи во правосудството изрази загриженост за одлуката на Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители да го изврши изборот на Директор на Академијата по пат на тајно гласање со можност за избор на повеќе кандидати, без притоа да даде соодветно објаснување зошто е неопходно гласањето да биде тајно. Неспорно е дека кандидатот кој што е избран е можеби најсоодветниот за оваа позиција, но без овозможување на јавно гласање и соодветна дискусија и образложение на одлуката за избор на кандидатката доведен е во прашање легитимитетот на изборот кој што не е спроведен во транспарентна постапка што дополнително може да влијае на и онака ниската доверба во судството. Членови на Судскиот и Советот на јавни обвинители се избрани и за членови во Управниот одбор на АСЈО, реагираат од Коалицијата „Сите за правично судење“ – „Се поставува прашањето дали членовите на Советите како дел од Управниот одбор на Академијата може да одлучуваат по приговорите на кандидатите, а истовремено да одлучуваат и во рамки на Советите за избор на тие кандидати за судии и јавни обвинители, без тоа да претставува судир на интерес и акумулација на одлучувачка моќ“, прашуваат од оваа коалиција. Судскиот совет и Советот на јавните обвинители на седниците одржани на 24 и 29 месецов назначија членови во Управниот одбор на Академијата за судии и јавни обвинители (АСЈО). Но, наместо тоа да бидат судии и јавни обвинители, обата совета одлучија во УО на АСЈО да постават свои членови, реагираатод Коалицијата „Сите за правично судење.
- Разрешен судијата Лазар Нанев, 97 пати се јавувал на обвинет во предмет што тој го судел – Судскиот совет на затворена седница за јавноста го разрешил судијата од кавадречкиот суд Лазар Нанев, за 97-те јавувања во неколку дена на странка (обвинет), во предмет што го судел лично тој. Уште лани Вишиот јавен обвинител на Скопје Мустафа Хајрулахи го пријавил Нанев во Судскиот совет, обезбедувајќи доказ-листинг од јавувањата по телефон од страна на судијата Нанев. За притисоци и недолично однесување него го пријавила и обвинителка од Кавадарци.
- ДЗР со неповолен извештај за Министерството за култура: 318 милиони денари исплатени за културни проекти, без јасно дефинирани критериуми – Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи заедно со ревизија на
усогласеност на Министерството за култура за 2023 година. Во објавените конечни ревизорски извештаи на Министерството за култура, се посочува дека се утврдени состојби, неправилности и неусогласености кои влијаат на издаденото неповолно мислење на овластениот државен ревизор во однос на реалноста и објективноста на финансиските извештаи и мислење со резерва за усогласеноста со законската регулатива, упатства и воспоставените политики. Државната ревизија утврди неправилности во спроведување на пописот на залихите на лекови и матерјали на Онкологоја како и управување со истите – Државната ревизија утврди неправилности во спроведувањето на пописот на залихите на лекови и матерјали на Онкологоја како и управувањето со истите. Недостасува вредносно усогласување на сметководствената евиденција за лекови и материјали со фактичката состојба, а евидентирањето на приемот и издавањето на лековите од аптека до организационите единици се врши со задоцнување. Исто така, не се внесуваат податоци за вредноста на лековите примени преку донации, што влијае на целосноста на податоците во Билансот на состојба. Во текот на 2023 година Клиниката примила лекови во вредност од 33 милиони денари по основ на донации, но овие податоци не биле внесени во финансиската евиденција. - Застаре и третата затворска казна на Груевски но има уште 20 години за чекање – На поранешниот премиер Никола Груевски на 4 октомври годинава му застарува двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“. На Груевски му преостанува да одлежи една и пол година затвор за случајот „Насилство пред Општина Центар“, која му застарува за три години, односно во 2027 година, како и девет години затвор за случајот „Плацови на Водно“, дело кое што му застарува во 2043 година.
“БИСТРИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ ОКТОМВРИ 2024 ГОДИНА
- 16 службеници осомничени за примање поткуп, а двајца за злоупотреба на службената положба и овластување – Под раководство на предметен јавен обвинител од Специјализираното одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција, извршени биле претреси на 26 локации во Струмичко-гевгелискиот регион и при тоа се лишени од слобода 14 царински службеници од Царинската управа на РСМ, еден пензиониран царински службеник и еден полициски службеник. При претресите се пронајдени паричните средства што биле примени како поткуп, во вкупен износ од 50.000 евра, а ЈО донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против 16 лица за кои постои основано сомневање дека сториле кривично дело Примање поткуп од чл.357 ст.1 од КЗ, додека за две лица пријавени за кривично дело Злоупотреба на службена положба и овластување од чл. 353 од КЗ ќе се спроведе скратена постапка.
- Поднесено обвинение за проневера во службата во ЈСП Скопје – Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен акт против три лица кои ги товари за продолжено кривично дело – Проневера во службата според член 354 став 5 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик. Трите соизвршителки, заеднички, како одговорни лица вработени во Јавното сообраќајно претпријатие – Скопје, со намера да прибават за себе противправна имотна корист, присвоиле пари доверени во службата во вкупен износ од 23.133.245 денари, што претставува значителна имотна корист.
- Кривична пријава за злоупотреба на службена положба за 12 полицајци и шест вработени во Државни патишта – Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи, до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, поднесе кривична пријава против 18 службени лица дванаесет се полициски службеници – припадници на Мобилната единица за безбедност на патниот сообраќај, додека останатите шест се вработени како службени лица на наплатна рампа Романовце при Јавното претпријатие за Државни патишта поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластувања“ по член 353 од Кривичниот законик.
- Странец осомничен за давање поткуп на Блаце, Обвинителството достави предлог за притвор – Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против турски државјанин за кого постои основано сомнение дека сторил кривично дело – Давање поткуп согласно член 358 став 1 од Кривичниот законик. На 30 октомври, на граничниот премин „Долно Блаце”, при влез во државава, осомничениот 50-годишник директно на службено лице му дал подарок за да изврши службено дејствие што не би смеело да го изврши.
Барометар на корупција, октомври 2024