Транспаренси Интернешнл-Македонија продолжува да ја спроведува редовната месечна активност за следење на случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата, што ја нарековме „Бистро-Матно“.
Следењето на овие случаи има голем одзив, како во јавноста, така и меѓу домашните и странските чинители и со текот на времето прерасна во релевантен показател на корупцијата и на волјата на државата да се справува со овој проблем. На овој начин, сите заедно придонесуваме за поголема свест за овој проблем во општеството во целина.
========================================================================================================
“МАТНИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ ФЕВРУАРИ 2025 ГОДИНА
Истрага за поткуп и проневера во СОЗР – ОЈО Скопје донело наредба за спрoведување истражна постапка против две лица, за поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) на Владата на Република Северна Македонија, Пеце Мирчески, кој се сомничи за примање поткуп и проневера во службата и за сопственик и управител на правен субјект за кој постои сомневање за давање поткуп.
Злоупотреби со реконструкцијата и осветлување на зградата на Владата – Обвинителството за организиран криминал и корупција поднесе обвинителен акт против едно лице и предлог обвинение против четири лица за злоупотреби поврзани со реконструкција на фасадата и осветлувањето на зградата на Владата, што беше дел од проектот „Скопје 2014“. Обвинението, според Обвинителството, се заснова на докази од периодот февруари – април 2013 година, со кои е нанесена штета на државниот буџет од приближно 3 милиони евра. Меѓу обвинетите се и првиот човек на градежната компанија „Бауер БГ“, како и поранешниот директор на Службата за општи и заеднички работи на Владата, Васе Донев.
Поевтино им е да платат казна отколку да пријават имот на списокот на ДКСК повеќемина поранешни и актуелни функционери – Осумдесетина поранешни и актуелни функционери ќе платат казни откако Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) утврдила дека не пријавиле имотна состојба, не ги доставиле бараните документи во определен рок или не се изземале во одредена постапка. „Преку објавување на овие информации ДКСК има за цел да ја информира јавноста во насока на охрабрување на граѓаните, како и институциите да се придржуваат до правните норми. Очекуваме дека со исполнување на оваа законска обврскa ќе се зголеми довербата во процесите на надзор и контрола, но и ќе се зајакнат напорите за ефикасно спречување на корупцијата и судирот на интереси во Република Северна Македонија. ДКСК смета дека оваа мерка е исклучително значајна за зголемувањето на транспарентноста и отчетноста на секоја институција во борбата против корупцијат“, се наведува во соопштението од ДКСК.
Поранешниот директор на КПУ Затвор Скопје дозволил привремено да шетаат на слобода пет осуденици од висок безбедносен ризик – Петмина осуденици од затворот во Шуто Оризари, незаконски биле привремено ослободувани по 8 до 10 часа, а тоа им го овзоможувал поранешниот директор Филип Андов кој е осомничен заедно со уште девет лица во постапката на Обвинителството за гонење на органзииран криминал и корупција. Тие се гонат за „Противзаконито ослободување на лице лишено од слобода“ и кривично дело „Злоупотреба на службена положба и овластување“. „Првосомничениот, злоупотребувајќи ја својата службена должност со намера да им овозможи корист, односно противзаконска поволност на петмина осуденици и привремено да ги ослободи, дозволил и наредил осудените кои биле од висок безбедносен ризик во повеќе наврати да добијат и да се стекнат со поволности што согласно судските одлуки не им следувале“, соопштуваат од ОЈО ГОКК.
ДКСК: Член на комисија на АЕК не ги исполнувал условите, но лицето било именувано на функцијата од собранието – Без соодветно образование и немање на потребно работно искуство станал член на Комисијата во Агенцијата за електронски комуникации. Државната комисија за спречување корупција по претходна пријава констатираше дека лицето кое било избрано и именувано на оваа висока позиција од страна на Собранието не ги исполнувало дел од условите. – Наведената диплома од факултетот за јавна администрација со стручен назив дипломиран јавен администратор не влегува во областите информатика, телекомуникации, право или економија, рече Цвета Ристовска, член на ДКСК. Поради сомневање за повреди на законот за електронски комуникации ДКСК ќе ја исвести собраниската комисија за избори и менувања.
ДЗР: Утврдени слабости во работењето на Централен регистар – Со извршената ревизија за работењето на Централниот регистар утврдени се неправилности, вклучувајќи продажба на патнички моторни возила без согласност од Владата, неусогласености во евиденцијата на приходи и нефункционирање на одредени регистри. Дополнително, утврдени се проблеми со долгови, неправилности во вработувањето и законски недоречености кои влијаат на ефективноста на институцијата. Ревизија со сериозни забелешки за Агенцијата за вработување во извештајот за 2023 година – Сериозни слабости во спроведување на мерките за вработување и проблеми во распределбата на средствата се нотираат во извештајот за 2023 година на Државниот завод за ревизија. Ревизорите утврдиле дека овие мерки не се спроведувале според принципот на рамномерен регионален развој. Недостигот на инспекциски надзор го намалува ефектот на контролите во студентските домови – Државниот завод за ревизија утврди сериозни слабости во спроведувањето на инспекцискиот надзор во студентските домови и воспитно-образовните установи. Недостатокот на редовни и вонредни инспекции, кадровските проблеми и неисполнувањето на препораките од претходни ревизии доведоа до намалена ефективност на контролните процеси и ризик за несоодветно функционирање на установите, се вели во ревизорскиот извештај.
Транспаренси Интернешнл: Македонската борба против корупција бележи пад од 12 места – Со само два поени помалку од 2023 година, Северна Македонија ја завршила 2024 година со пад од 12 позиции на ранг листата на Транспаренси Интернешнл за нивото на борба против корупцијата. Според Индексот за перцепција на корупција за 2024, земјава е рангирана со 40 поени на 88-то место од 180 држави. Ако во 2023 година, кога на овој Индекс земјата беше рангирана на 76-тото место главно заради критиките за измените на Кривичниот законик, падот сега се должи на скандалите во судството, Судскиот совет и Академијата за судии и јавни обвинители. „Неказнивоста на високата корупција поврзана со лица на јавни позиции, индициите за политичко влијание во судството, лошата контрола која Судскиот совет ја врши врз судиите и препораките на оценската мисија на Европската Унија, кршењето на законот со изборот на кандидати за Академијата на судии и јавни обвинители за време на избори, се само дел од скандалите кои го тресеа судството“, изјави претседателот на Транспаренси Интернешнл- Македонија, Благоја Пандовски.
“БИСТРИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ ФЕВРУАРИ 2025 ГОДИНА
Уставните судии едногласно ја прифатија иницијативата на обвинителката Ленче Ристоска против Деловникот на Советот на Јавни Обвинители направен заради себеунапредување – Уставниот суд едногласно ја прифати иницијативата на обвинителката Ленче Ристоска да се поведе постапка за испитување на уставноста на Деловникот на Советот на јавни обвинители, кој пропишува дека иако не работат на предмети, додека се 4 години на функција во Советот стажот им се смета како позитивно оценет. Со таа висока позитивна оценка, член на Советот на јавни обвинители од редот на обвинителите, кога ќе излезе оттаму, може да конкурира за унапредување. „Од ова придобивка имаат самите членови кои по завршување на мандатот во Советот на јавни обвинители се унапредени во повисоки позиции во јавните обвинителства“, се наведува во иницијативата. Ристоска беше оценувана дури и кога беше на породилно отсуство со близнаци, па ѝ беше забележано дека во тој период немала сработено предмети. Таа доби случај против Советот пред Комисијата за спречување и заштита од дискриминација. Само затоа што таа го критикуваше гласно и јавно Советот на јавни обвинители, беше сменет Кодексот на обвинителите, им се забрани да зборуваат без одобрение на шефот. Под притисок на домашната и меѓународната јавност, таа цензура потоа беше повлечена.
Директор и шестмина вработени во тетовското Социјално ќе одговараат за злоупотреби – СВР Тетово поднесе кривична пријава против седуммина вработени во Центарот за социјални работи во Тетово, поради постоење основи на сомнение за злоупотреба на службената положба, несовесно работење и фалсификување документи, со што овозможиле незаконска исплата од 289.495 денари, соопшти полицијата.
ОЈО: Извршени се претреси на 16 локации, се истражуваат наводите за незаконски договори кои вклучуваат јавни набавки – По наредба на јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје, Министерството за внатрешни работи почна предистражна постапка за злоупотреби поврзани со јавни набавки за сервисирање на службени возила. Истрагата вклучува дел од вработените во Одделот за општи и заеднички работи на МВР, кои се осомничени за злоупотреба на службената должност и договори со економски оператори. „До овој момент, извршени се претреси на 16 локации, по наредба од судија на претходна постапка и во согласност со барањето на јавниот обвинител. Постапката е во рана фаза, и затоа во моментов не можеме да соопштиме повеќе детали. Меѓутоа, целта на истрагата е да се истражат наводите за злоупотреба и незаконски договори кои вклучуваат јавни набавки“, велат од Обвинителство.
Кривична пријава за поранешниот в.д. директор на болницата во Охрид –Полицијата поднесе кривична пријава против поранешниот директор на Општата болница во Охрид, поради злоупотреба на службената положба и овластувања. Според СВР – Охрид, поранешниот в.д. директор со пропуштање на должен надзор и без постоење правен основ, на четворица вработени во ЈЗО, кои немале решенија за раководна позиција, им определил коефициент на раководење и одговорност, со што на штета на болницата им овозможил право на повисока плата во вкупна вредност од 257.920 денари.