Транспаренси Интернешнл-Македонија продолжува да ја спроведува редовната месечна активност за следење на случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата, што ја нарековме „Бистро-Матно“.
Следењето на овие случаи има голем одзив, како во јавноста, така и меѓу домашните и странските чинители и со текот на времето прерасна во релевантен показател на корупцијата и на волјата на државата да се справува со овој проблем. На овој начин, сите заедно придонесуваме за поголема свест за овој проблем во општеството во целина.
=====================================================================================================
“МАТНИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ МАЈ 2025 ГОДИНА
Давале терапија која им ја влошувала состојбата на пациентите болни од канцер – детали за обвиненијата против директорите и лекарите од клиниката за Онкологија – Основното јавно обвинителство Скопје ја заврши истрагата и до Основниот кривичен суд Скопје и поднесе две обвиненија за предметот „Онкологија“. Првото обвинение, кое се однесува на економското работење на Клиниката опфаќа две лица. Првиот обвинет, во својство на службено лице – медицински директор и вториот обвинет, во својство на организациски директор на Клиниката се обвинети за продолжени кривични дела – Злоупотреба на службената положба и овластување, Измама во службата и Проневера во службата. Повеќето од дејствијата ги сториле во соизвршителство и во временски период од 2018 до 2022 година. Кривичното дело Злоупотреба на службената положба обвинетите го извршиле со пречекорување на границите на своето службено овластување и не ја извршиле својата службена должност во постапките за набавка на лекови, постапувајќи спротивно на Законот за здравствената заштита, Закон за здравствено осигурување, Статутот на Клиниката, Законот за буџетите и Законот за јавни набавки. Со овие дејствија тие прибавиле значителна имотна корист за друг и нанеле штета на Буџетот на Република Северна Македонија во вкупен износ од над 2,2 милијарди денари.
Управниот суд ја поништи одлуката за избор на Дуковска за уставен судија – Неправилно спроведена постапка за избор при која Судскиот совет не ги разгледал сите кандидати подеднакво и не ги почитувал критериумите од Законот за судски совет е причината поради која Управниот суд ја поништи одлуката за избор на Елизабета Дуковска за судија на Уставниот суд. Според пресудата, во конкретниот случај, Судскиот совет донел одлука за избор на судија на Уставниот суд без целосно разгледување на сите предложени кандидати. Поради недостиг на материјали и податоци за кандидатите, членовите на Советот не можеле да направат темелна анализа на нивната стручност и придонес во правната теорија. Иако Законот за судски совет бара исполнување на конкретни критериуми за избор, тие не биле формално проверени пред гласањето.
Нетранспарентност во процесот на преговарање – реакција на Платформата на граѓански организации за борба против корупција за договорот меѓу Македонија и В. Британија – Платформата на граѓански организации за борба против корупција реагира на нетранспарентноста на процесот на преговарање на договорот меѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Обединетото Кралство во врска со партнерство за реализација на инфраструктурни проекти, односно како што го нарекува Владата „Договор Влада со Влада“. Ова е веќе втор договор од ваков тип, и исто како и договорот со Република Унгарија, се потпишува без претходно и навремено јавноста да биде информирана за деталите и условите кои се прифаќаат. Платформата смета дека еднакво како што се јавува целосна транспарентност на трошењето на парите од оваа кредитна рамка, Владата требаше да обезбеди транспарентност и на процесот на преговарање и условите кои се вклучени во договорот што Владата го прифати на својата седница на 20 мај 2025 година и го потпиша на 22 мај во Лондон.
Политички експонирани лица не пријавиле сопствеништва во фирми во изјавите за интереси во ДКСК – истражување на ЦГК – Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) со анализа на истражувањето за откривање на евентуални судири на интереси и злоупотреба на моќ при јавните набавки кај политички експонираните лица. Во анализата се вели дека преку регистарот на вистински сопственици се откриени сопствеништва во фирми на политички експонирани лица (градоначалници и министри) кои не им се пријавени во изјавите за интереси доставени до антикорупциска. Четириесет и еден од анализираните 360 поранешни и сегашни функционери се јавуваат како вистински сопственици во некоја фирма; 23-ца од тие функционери целосно или делумно ги сокриле своите удели во фирми од ДКСК. Фирми во сопственост на градоначалници и поранешни министри добивале договори за јавни набавки, концесии и лиценци доделени од државни институции.
Лани најмногу прекршувања на човековите права имало околу вадењето патни исправи и правосудството – Согласно годишниот извештај, најмногу прекршувања на човековите права лани имало во делот на граѓанските состојби, претежно врзани со неможноста за добивање на лични документи, поточно патните исправи. Правосудството е проблематична сфера со најмногу прекршувања и претставки од граѓаните, а има претставки и во однос на работата на извршителите. Проблематични се и прашањата поврзани со потрошувачките права, потенцираше народниот правобранител Насер Зибери. Тој информираше дека лани од граѓаните биле поднесени над 2.700 преставки. Народниот правобранител лани постапувал по 3.120 преставки, со оглед на фактот што одреден квантум на претставки се префрлуваат од претходната година.
За дигитализација на матичните книги 8,5 милиони евра, а дел од граѓаните добиваат изводи издадени на машина за пишување – Државниот завод за ревизија укажува дека се уште не е завршена дигитализацијата на матичните книги и покрај тоа што започнала пред повеќе од една деценија и во неа се вложени над 520 милиони денари. Според ДЗР, недостатокот на јасна стратегија, контролни механизми и квалификувани човечки ресурси, спор го оневозможуваат подобрувањето на услугите за граѓаните и го зголемуваат ризикот од злоупотреби на лични податоци и губење на архивскиот материјал од трајна вредност. ДЗР откри сомнителни финансиски извештаи и набавки на Клиниката за хематологија – Државниот завод за ревизија изрази неповолно мислење околу вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи на Клиниката за хематологија и мислење со резерва за усогласеноста на финансиските трансакции со релевантната законска регулатива за 2023 година. „Утврдено е дека примените и потрошените лекови за ретки болести и лекови од донација не се евидентирани во сметководствената евиденција; во некои од спроведените постапки за јавни набавки констатирани се несоодветна примена на Законот за јавните набавки и нехронолошко плаќање на преземените обврски“.ДЗР: Ниту една општина во седиште во град не го исполнува стандардот за зеленило – Од 34 општини со седиште во град, ГУП-овите на 22 општини не го исполнуваат препорачаниот стандард за озеленетост од 25 метри квадратни по глава на жител, покажува најновиот извештај на Државниот завод за ревизија.
За мито од стотина евра „издавале“ уверенија за странци во центарот на Скопје – Повеќе службеници од Одделот за странци во Управните служби на МВР се опфатени со истрагата за злоупотреби и издавање на документи за регулиран престој во Македонија на странски државјани. Противзаконските „услуги“ биле вршени во канцелариите на Управните служби во МВР, каде што се приведени повеќе лица- вработени во полициските служби. Според првичните информации, осомничените издавале уверенија и документи за престој без да се извршат законски предвидените проверки, а за тоа добивале мито од по стотина евра. За да ги избегнат законските процедури била формирана шемата за издавање лажни документи кои биле издавани за соодветна цена.
“БИСТРИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ МАЈ 2025 ГОДИНА
Разрешен Енвер Беџети, судијата кој заедно со Артан Груби заврши на црната листа на САД поради сомнежи за мито во судски предмет за Сашо Мијалков – Судски совет го разреши апелациониот судија Енвер Беџети, одлуката е донесена на попладневниот затворен дел на седницата. Судскиот совет еднаш го казни парично Беџети кој 9 месеци го чуваше предметот Таргет Тврдина. Откако судијата се најде и на црната листа на САД лани, Судски Совет повторно отвори постапка против Беџети. Тој има право на жалба, но е суспендиран до правосилност на одлуката. Беџети се најде на црната листа на САД заедно со поранешниот вицепремиер Артан Груби кој сега е во бегство. Беа посочени за мито при одлучување на Беџети во предмет за Сашо Мијалков односно за масовното нелегално прислушување. Предметот застаре откако предолго помина во рацете на Беџети.
Врховен суд ја прифати како законска тајната снимка со која аптекарот од Онкологија беше осуден за примање поткуп од починатата пациентка Минка Веизовска – Пациентката од Клиниката за онкологија Минка Веизовска, која имаше рак на белите дробови го пријави аптекарот од болничката аптека на Клиниката дека ѝ барал пари, за да му даде биолошка терапија „кејтруда“ која инаку ѝ следувала со специјалистички извештај беспари. Веизовска почина за време на траењето на судскиот процес, но Јавното обвинителство по службена должност продолжи со постапката против фармацевтскиот техничар што заврши со правосилна осудителна пресуда со која тој е осуден за примање поткуп и треба да одлежи две години затворска казна. Меѓу доказите со кои тој беше осуден, во судница беше изведена и тајна снимка што ја снимила самата Веизовска, скришно од својот мобилен телефон, а на која се слушаат гласови и се слуша дека некој бара пари за терапијата.
Уставен ги укина членовите од Изборниот законик со кои се крена прагот за собирање потписи за независните кандидати – Уставниот суд ги укина членовите од Изборниот законик со кои се зголемија квотите на граѓански потписи кои требаше да ги соберат независните кандидати и листи што планираат да учествуваат на избори. Корпусот на измени на Изборниот законик, меѓу кои и овие, беа донесени во март минатата година, во пресрет на ланските претседателски и парламентарни избори, а требаше да важат и за овогодинешните локални избори. Судијата известител за овој предмет изрази сомнеж за ваквите измени од уставна гледна точка, односно дека со нив се повредени темелните вредности на Уставот, правната сигурност и предвидливост, начелото на владеењето на правото, а дека дополнително постои сомнеж за нарушување на политичкиот плурализам.
Кривични пријави за директор и раководител на одделение во М-НАВ – го оштетиле буџетот на компанијата за речиси 1,5 милиони денари – Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство Скопје поднесе кривична пријава против осомничен во својство на поранешен Извршен директор на Сектор за Воздухопловна Техника во Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловната навигација М-НАВ АД Скопје поради основи на сомнение за сторено кривично дело ,, Злоупотреба на службена положба и овластување член 353 став 2 од Кривичниот законик и против уште еден осомничен во својство на в.д. Раководител на одделение за јавни набавки во Акционерско друштво во државна сопственост за вршење на дејноста давање услуги во воздухопловната навигација М-НАВ АД Скопје поради основи на сомнение за сторено кривично дело ,, Несовсено работење во службата член 353-в став 2 од Кривичниот законик.