Јавното обвинителство на Република Северна Македонија и Транспаренси Интернешнл-Македонија потпишаа Меморандум за соработка со цел зајакнување на соработката од областа на борбата против корупцијата и организираниот криминал.
Потпишаниот Меморандум има за цел за овозможи заедничко дејствување во насока на подобрување на состојбите со борбата против корупцијата и организираниот криминал, како и взаемна размена на податоци, искуства и експертиза. Главен акцент на меморандумот e взаемна соработка на Јавното Обвинителство и Транспаренси Интернешенл-Македонија во детектирање и надминување на потешкотиите и состојбите со кои се соочува Обвинителството.
За таа цел сакаме да ја известиме пошироката јавност дека во наредниот период ќе пристапиме кон подготовка на активности кои ќе имаат за цел длабинска анализа на проблемите, но во исто време и анализа на околностите кои го спречуваат обвинителството ефективно да ја врши својата работа. Една од главните пречки е фактот што се уште не се анулирани негативните последици од законските измени на Кривичниот Законик кои предизвикаа и се уште предизвикуваат застарување на делата од областа на корупцијата. Во остварување на оваа цел ги покануваме сите домашни и меѓународни чинители да се вклучат во заедничките активности во борба против корупцијата.
Во Меморандумот меѓу другото се предвидуваат:
- Заедничка соработка при размена на информации за надлежното постапување по поднесени пријави од страна на граѓани;
- Давање поддршка, совети, анализи, препораки и обуки од областа на укажувачите на Јавното обвинителство како една од водечките институции назначени за прием на пријави од укажувачи;
- Соработка при подготовка на документи за креирање на политики од областа на корупцијата, владеење на правото и заштитено пријавување, како и учество за спроведување на заеднички проекти од областа на борбата против корупцијата.