На 12-ти и 13-ти ноември 2025 година во Варшава, Полска, се одржа 7-от камп за политички интегритет. Оваа година настанот беше посветен на темата: „Заштита на демократијата: Справување со стратешката корупција и унапредување на политичкиот интегритет“. Главната цел на овој камп беше да обезбеди регионална платформа за дијалог и размена на искуства во врска со растечката закана што стратешката корупција ја претставува за демократското владеење, институционалната отпорност и политичкиот интегритет низ регионот на ОБСЕ. Настанот имаше за цел да ги поткова претставниците на граѓанското општество, надзорните институции и меѓународните партнери со алатки, знаење и мрежи потребни за поефикасно следење, разобличување и одговарање на овие предизвици.
Надоврзувајќи се на претходните изданија на кампот- особено фокусот во 2021 година на индикаторите за ризик за политички интегритет и акцентот во 2024 година на политичкото финансирање- кампот во 2025 ја разгледа системската улога на стратешката корупција во поткопувањето на демократските механизми на контрола и рамнотежа, како и начини на кои граѓанските чинители можат да ги откриваат и спречуваат овие процеси. Настанот ги собра претставниците на ограноците на Транспаренси Интернешнл, теренските канцеларии на ОБСЕ, надзорни тела, меѓународни организации и независни експерти во дводневен формат со физичко присуство. Преку интерактивни сесии, анализа на случаи и работилници фокусирани на алатки, кампот се насочи кон зајакнување на институционалните заштитни механизми и капацитетите за рано предупредување.
Претставникот на ТИ-Македонија Марија Сунчевска учествуваше на овој настан и имаше можност да слуша, учи и работи на теми поврзани со политички интегритет заедно со професионалци од различни области. Марија даде детален преглед на политичкото финансирање во Македонија, системот за известување, политичките ризици, донациите и други релевантни аспекти. Кампот претставуваше извонредна можност не само за размена на искуства и добри практики, туку и за вмрежување, креирање нови проекти и идеи и поврзување со организации од целиот свет.




