Во рамките на дводневните активности на Платформата на организации за борба против корупција беше претставена и тестирана и Integrity Watch Платформа, развиена од страна на Транспаренси Интернешнл- Македонија во рамките на на проектот: „Следење на интегритетот во Западен Балкан и Турција: граѓански организации во борбата против корупцијата со податоци за политичкиот интегритет“, финансиски поддржана од Европска Унијa и регионалниот проект СМАРТ Балкан – Граѓанското општество за поврзан Западен Балкан кој е финансиски поддржан од Министерството за надворешни работи на Кралството Норвешка.
Integrity Watch платформата за Северна Македонија е платформа со отворени податоци која им овозможува на граѓаните да истражуваат како парите и моќта се пресекуваат во процесите на донесување јавни одлуки. Развиена од Транспаренси Интернешнл – Македонија, платформата обединува клучни сетови на податоци за финансирањето на политичките партии, јавните набавки и експлоатацијата на минерални суровини и хидроелектрани – трите области кои се најранливи на корупција и злоупотреба на јавна функција.
Платформата им овозможува на граѓаните, новинарите, истражувачите и креаторите на политики да видат:
– како се финансираат политичките партии, вклучително и изворите на донации од поединци и приватни субјекти;
– како се трошат јавните пари, односно коj добива јавни договори и концесии.
Учесниците на работилницата имаа можност да ја тестираат Платформата, да ги видат нејзините функционалности и можности, да ги филтрираат и вкрстат податоците. Првите впечатоци беа позитивни, беа споделени коментари и препораки за подобрување на функционалностите на Платформата и се продолжува работата на Платформата се до нејзиното јавно објавување на 9-ти декември 2025.





