Транспаренси Интернешнл-Македонија продолжува да ја спроведува редовната месечна активност за следење на случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата, што ја нарековме „Бистро-Матно“.
Следењето на овие случаи има голем одзив, како во јавноста, така и меѓу домашните и странските институции и со текот на времето прерасна во релевантен алтернативен барометар на корупцијата и на волјата на државата да се справува со овој проблем. На овој начин, сите заедно придонесуваме за поголема свест за овој проблем во општеството во целина.
========================================================================================
“МАТНИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ ФЕВРУАРИ 2026 ГОДИНА
ДРЖАВНИОТ ЗАВОД ЗА РЕВИЗИЈА СО НЕКОЛКУ НЕГАТИВНИ РЕВИЗИИ ИЗМИНАТИОТ МЕСЕЦ
Ревизија на политичките партии за 2024- се сомневаат во финансиските извештаи на ВМРО – ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ – Кај ВМРО‑ДПМНЕ, Социјалдемократскиот сојуз на Македонија и Демократската унија за интеграција, ревизорите изразија мислење со резерва за вистинитоста и објективноста на финансиските извештаи. Главните забелешки се однесуваат на структурата на приходи и расходи, неизмирени обврски кон добавувачи, неправилно водење на сметководството и уплата на членарина над законскиот лимит. Некои препораки од минатите ревизии сè уште се во процес на спроведување, поради судски постапки или нерешен сопственички статус на имот. Ревизија со неповолно мислење за финансиите на Одбрана за 2024 – Државниот завод за ревизија изврши ревизија на финансиските извештаи на Министерството за одбрана за 2024 година и изрази неповолно мислење за нивната точност и усогласеност со законската регулатива. Притоа, утврдено е дека многу препораки од претходните ревизии не се спроведени, а финансиската евиденција за средства, материјали, резерви и обврски кон добавувачи е непотполна. Ревизија за СОЗР во 2024: Утврдени неправилности – Државниот завод за ревизија утврди низа неправилности во работењето на Службата за општи и заеднички работи на Владата за 2024 година. Во извештајот на ревизорите пишува дека од извршените услуги во рестораните и бифеата со кои управува Службата остварени биле приходи наплатени во готово во милионски суми но уплатениот дневен пазар во одредени периоди од годината бил со значително низок износ. Ревизорски извештај за Државен санитарен и здравствен инспекторат: Неажурирана листата на забранети супстанции во козметика, ризик за пуштање во промет на производи штетни по здравјето на граѓаните – Ревизорите утврдија дека во делот на инспекцискиот надзор при увоз на стоки постојат ризици, бидејќи фактурите и здравствените сертификати се на повеќе странски јазици, што може да доведе до недоволно проверена веродостојност и безбедност на производите. Ревизијата покажала и недостатоци во инспекцискиот надзор на санитарно-хигиенската и здравствената заштита, недостасува поткрепувачка документација, пописот не е комплетен, а исплатата на додатоците за работа со висок ризик е неточна. Дополнително, листата на забранети супстанции во козметиката од 2010 година не е ажурирана, што создава ризик за пуштање во промет на производи штетни по здравјето на граѓаните. Во Државниот архив утврдени неправилности, покажува ревизијата – Слабости во пописот на побарувањата и обврските, неправилности во остварувањето на приходите, давање попусти и подароци, исплаќани надоместоци без законска основа, плаќање данок на додадена вредност за услуги поврзани со основната дејност и слабости во спроведувањето и реализацијата на јавните набавки – констатира Државниот завод за ревизија (ДЗР) во ревизорскиот извештај за Државниот архив на Република Северна Македонија.
Мнозинството во Судскиот совет го одби предлогот за интервјуирање на кандидатите за уставни судии – На 4 февруари на седница на Судскиот совет новата членка Сузана Јошевска-Анастасовска предложи при утврдување кандидат за уставен судија од редот на судиите, Судски совет да спроведува и интервјуа – со утврден прашалник еднаков за сите кандидати и директен пренос за јавноста. Осуммина членови на Советот, вклучувајќи го и претседателот Александар Камбовски, гласаа против иницијативата во рамките на пакетот измени на Деловникот за работа на ова тело.
Продолжување на рокот за дивоградбите е продолжување на беззаконието, реагира „Шанса за Центар“ – Дивоградбите се нормалното, ненормален си ако градиш по закон. Така порачува државата. Продолжувањето на рокот за легализација е решение за продолжување на беззаконието, реагира иницијативата „Шанса за Центар“, алудирајќи на предложените пет години за да се продолжи важноста на Законот за постапување со бесправно изградени објекти. Од „Шанса за Центар“ потсетуваат дека Државниот комисија за спречување на корупцијата уште пред пет години предупреди на високи ризици од корупција. Наместо реформа и анализа на нефункционалните процедури, вели иницијативата, сега повторно се нуди пролонгирање.
Платформата против корупција: Изборот на јавен обвинител не е политичка одлука, изјавите на премиерот може да влијаат на процесот – Платформата на граѓански организации за борба против корупцијата информира дека со внимание го следи процесот за избор на нов државен Јавен обвинител, па оттука е и нивната реакција на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски, кој рече дека само обвинителката Ленче Ристоска единствено испаднала од владиниот список на кандидати за позицијата. „Во таа насока, укажуваме дека јавни изјави на Претседателот на Владата, со кои однапред се исклучуваат одредени кандидати, во фаза кога Владата сè уште нема донесено одлука, создаваат ризик од политичко влијание врз процесот. Особено имајќи предвид дека станува збор за кандидати за кои веќе е утврдено дека ги исполнуваат законските критериуми, ваквите изјави можат да ја нарушат довербата во еднаквиот третман и во интегритетот на постапката. Изборот на државен јавен обвинител не е политичка, туку институционална одлука со значајни последици врз владеењето на правото и системот на кривична правда“, стои во реакцијата.
“БИСТРИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ ФЕВРУАРИ 2026 ГОДИНА
Обвинение против поранешен министер и поранешен директор – деветмина се товарат за рушвет со ИПАРД фондовите – Поранешен министер барал пари од ИПАРД фондовите, ама неговата фирма не ги исполнувала условите, па нудел и дал мито, за директорот на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој да замижи на едното око и да му ги одобрат европските пари. Нудел 50.000 евра поткуп, но не се соопштува колку пари требало да земе. Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција поднесе обвинение против девет лица и една фирма. Првообвинет за давање мито и за давање награда за противзаконито влијание е поранешен министер за правда и за локална самоуправа. Тој се товари дека како директор на фирма од струшко Велешта им дал 5.000 евра на тројца луѓе да влијаат и му нудел и дал пари на поранешниот директор на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и рурален развој за да потпише. Истиот се товари дека требало да добие 50.000 евра. Уште четворица вработени во Агенцијата се обвинети за Злоупотреба на службената положба, зашто ја одобриле апликацијата без потребните документи.
Кривична за четири лица од Кочани за злоупотреба на службена положба во јавна набавка од 1,4 милиони денари – Поранешен директор на Комуналното јавно претпријатие „Водовод“ во Кочани, поранешен вработен и уште двајца вработени во претпријатието добиле кривична пријава за злоупотреба на службената положба при јавна набавка со која, според наводите, бил овозможен противправен имотен бенефит од 1.406.306 денари, информира МВР. Според пријавата, второпријавениот како претседател, а трето и четвртопријавениот како членови на комисијата за јавна набавка, во 2021 година спровеле постапка спротивно на Законот за јавни набавки. Во тендерската документација биле внесени спецификации за производи кои, според наводите, не постоеле на пазарот, со што била ограничена конкуренцијата и бил фаворизиран економски оператор од село во општина Могила.
Кандидат на избори „залепен“ на автобуси на јавно претпријатие е злоупотреба на државни ресурси за кампања, констатираше Државната комисија за спречување на корупција – Во 2025 година Антикорупциска преку имејл примила пријава од познат подносител со наводи дека за време на изборите бил прекршен законот зашто овластено лице во јавно претпријатие користело јавни ресурси – давало автобусите на јавното претпријатие да бидат брендирани со фотографии од кандидат (политичко рекламирање). ДКСК побарала документи од јавното претпријатие и оцени дека автобусите како средства во сопственост на јавното претпријатие се јавни ресурси. „Со овозможување на политичко рекламирање на автобуси, директорот постапил противзаконски и наводите од пријавата се основани. Согласно Законот за спречување корупција и судир на интереси ќе иницираме постапка до надлежен орган“, гласи одлуката на Антикорупциска која беше едногласно усвоена.




