Транспаренси Интернешнл – Македонија (ТИ-М) и Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) на ден 27 април, во просториите на ДКСК, потпишаа Меморандум за соработка, со цел унапредување на заедничките активности во областа на спречувањето на корупцијата, јакнењето на институционалниот интегритет, транспарентноста и отчетноста.
Меморандумот го потпишаа претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ, и претседателот на Транспаренси Интернешнл – Македонија, Благоја Пандовски.
Со потпишувањето на Меморандумот се воспоставува рамка за продлабочена соработка меѓу двете институции, преку размена на информации и механизми за редовна комуникација, заедничко учество во проекти, обуки, конференции, форуми и други форми на размена на знаења, искуства и добри практики. Соработката ќе опфати и подготовка на анализи, препораки и иницијативи насочени кон подобрување на интегритетот и професионалните стандарди во системот за борба против корупцијата.
Во рамки на Меморандумот, ДКСК и ТИ-М ќе соработуваат и во насока на поддршка при имплементацијата на Законот за заштита на укажувачите, Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, како и други закони од значење за борбата против корупцијата и владеењето на правото.
Претседателот на Транспаренси Интернешнл – Македонија, Благоја Пандовски, ја нагласи важноста на заедничкиот пристап во препознавањето и справувањето со коруптивните ризици, како и потребата од континуирана размена на искуства, поддршка и експертиза во оваа област.
Претседателот на ДКСК, Адем Чучуљ, истакна дека соработката со граѓанскиот сектор е од особено значење за унапредување на превентивните механизми, зајакнување на довербата на јавноста и градење поефикасен систем за спречување на корупцијата.
Потпишувањето на Меморандумот претставува уште еден чекор кон зајакнување на партнерството меѓу институциите и граѓанските организации во насока на поефикасна превенција на корупцијата, унапредување на владеењето на правото и промовирање на култура на интегритет, отчетност и транспарентност.





