Транспаренси Интернешнл-Македонија продолжува да ја спроведува редовната месечна активност за следење на случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата, што ја нарековме „Бистро-Матно“.
Следењето на овие случаи има голем одзив, како во јавноста, така и меѓу домашните и странските институции и со текот на времето прерасна во релевантен алтернативен барометар на корупцијата и на волјата на државата да се справува со овој проблем. На овој начин, сите заедно придонесуваме за поголема свест за овој проблем во општеството во целина.
======================================================================================
“МАТНИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ MAJ 2026 ГОДИНА
Претседател на суд и судски администратор барале и зеле 8 000 евра мито за да влијаат во постапка – Претседател на суд и судски администратор се осомничени дека барале и примиле мито од 8 000 евра за да влијаат кај судија во основен и судии во апелациски суд во врска со граѓански спор што го водело лицето од кое ги зеле парите. За надомест од 5 000 евра тие требало да интервенираат кај судија во Основниот суд Гостивар да донесе решение за повторување на постапката за која била донесена одбиена пресуда, а откако не успеале, побарале 3 000 евра за да влијаат кај судии во Апелацискиот суд Гостивар за укинување на решението со кое не било дозволено повторување на постапката. Од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција соопштија дека надлежен обвинител донел наредба за спроведување истражна постапка против двете лица, кои како соизвршители се осомничени дека сториле кривично дело примање награда за противзаконито влијание.
Поранешни директори во ТЕЦ Неготино земале и плата и апанажа – Државната комисија за спречување на корупција поднесе пријава до Јавното обвинителство против поранешни членови на Управниот и на Надзорниот одбор на ТЕЦ Неготино, наедно распоредени на директорски позиции во организациони единици во ТЕЦ Неготино. „По статусната промена и соединувањето на АД ТЕЦ Неготино кон АД ЕСМ-Скопје, по престанок на функциите, како членови на управниот одбор, овие лица останале во работен однос во АД што било незаконски, бидејќи вработувањето во трговските друштва во државна сопственост единствено е преку јавен оглас. Оправдување за таквиот начин на вработување биле менаџерските договори врз основа на кои им било овозможено да изберат дали ќе останат во АД или ќе се вратат на старите работни места од каде дошле пред изборот. Дополнително во пријавата, лицата добиле средства во вид на апанажа врз основа на менаџерски дгоговори во висина од целосни 12 плати што претставуваат дополнителни приходи на редовната плата која ја добивале, а тоа значи дека како вработени во АД добивале редовна месечна плата и плус една плата согласно менаџерските договори.
Државниот завод за ревизија утврдил слабости во работењето на Министерството за европски прашања – Државниот завод за ревизија утврдил слабости во работењето на Министерството за европски прашања, меѓу кои недоволна ефикасност во спроведувањето на реформските активности, проблеми со планирањето и следењето на европските политики, како и слабости во координацијата и мерењето на резултатите. Во ревизорскиот извештај на ДЗР се наведува дека Министерството не воспоставило целосно функционален систем за следење на реализацијата на реформите поврзани со евроинтегративниот процес. Ревизорите забележуваат дека недостигаат јасни индикатори за мерење на успешноста и ефектите од дел од активностите. Според ревизијата, утврдени се и слабости во стратешкото планирање, како и ризици од неефикасно користење на ресурсите при координацијата на процесите поврзани со европската интеграција. Ревизија во Општина Илинден: Изградбата на дел од капитални објекти без потребните дозволи и уредна градежна документација – Не е извршено соодветно евидентирање на имотот на општина Илинден и не се преземени активности за запишување на правото на сопственост. Изградбата на локални патишта и улици е без одобрение за градење, реконструкцијата на инфраструктурните објекти е без проектна документација, а распределбата на средствата за култура и спорт не е извршена на транспарентен начин. Тоа го констатира Државниот завод за ревизија (ДЗР), при ревизија на финансиски извештаи заедно со ревизија на усогласеност на Општина Илинден, за 2024 година, каде, како што соопшти, утврдени се состојби кои упатуваат на неправилности и неусогласености во работењето на општината.
Граѓаните во 2025 година најмногу претставки поднесувале за работата на извршителите и судството – Kомисјата за политички систем на дневен ред го имеше годишниот извештај на Народниот правобранител за степенот на обезбедувањето почитување, унапредување и заштита на човековите слободи и права 2025 година. Како што се наведува во Годишниот извештај, граѓаните и во 2025 година најмногу претставки поднесувале за работата на извршителите и судството генерално. Во овој сегмент, доминирале претставки за барања за деблокада на сметките, на висината на каматата и трошоците, кои ги наплатуваат извршителите, како и за проблемите поради блокада на сметките од страна на повеќе извршители. Во делот на судството најмногу од претставките се за непочитување на принципот за судење во разумен рок. Во извештајот исто така се забележува и фактот дека Народното правобранителство во изминатата година шест месеци беше без прв човек, но дека и покрај тоа се работело на сите претставки добиени од граѓаните.
“БИСТРИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ MAJ 2026 ГОДИНА
Финансиска полиција откри криминал во Агенцијата за одземен имот: „Наместиле“ тендер за старо железо вреден 2 милиони денари – Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против двајца управители на фирми и петмина вработени во Агенцијата за управување со одземен имот. Тие се сомничат за злоупотреба на постапка за јавна набавка при продажба на хаварисани возила како старо железо. Според пријавата, осомничените управители во 2021 година, со однапред утврдена намера, ги повредиле прописите за јавен повик. Во постапката, едниот правен субјект бил прикажан како формален конкурент со намерна техничка грешка во понудата, со цел да им се оневозможи наддавање на останатите учесници. Членовите на комисијата во Агенцијата, свесно помогнале во реализација на оваа шема. „На овој начин било овозможено склучување договор за продажба на одземени хаварисани возила помеѓу Агенцијата, и правниот субјект при што правното лице се стекнало со противправна имотна корист од 2.128.352 денари“, информираат од Финансиската полиција.
Приведен водич во автобус во кривопаланечкиот регион поради „давање поткуп“ – На 24.05.2026 во 6:30 часот на подрачје на СВР-Куманово – ОВР-Крива Паланка, од страна на полициски службеници од Мобилната единица за компезаторни мерки при Одделот за гранични работи и миграција, сопрен е автобус „мерцедес“ со косовски регистарски ознаки. Од извршената контрола, констатирано е дека автобусот е управуван од страна на државјанин на Република Турција. Од страна на косовски државјанин, кој бил во улога на водич во автобусот, приложена била патна исправа за идентификација во која имало банкнота од 50 евра. Лицето е лишено од слобода по член 358 став 1 од Кривичниот законик „давање поткуп“ и е спроведен во Полициска станица – Крива Паланка – појаснија од МВР.
Финансиската полиција поднесе кривична пријава против градоначалникот на Општина Врапчиште – Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Гостивар против градоначалник на Општина Врапчиште поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување” од чл.353, ст.3, в.в со ст.1 од Кривичниот законик на Република Северна Македонија. „Пријавениот во текот на 2025 година, ги пречекорил границите на своето службено овластување и постапил спротивно на член 157, став 1, од Законот за јавни набавки (Сл. Весник на Р. Македонија бр.24/2019 од 01.02.2019 година), на начин што склучил Договор за набавка на работи – Реконструкција на локален пат во Добридол од центар на селото до вкрстување со сервисниот пат покрај државниот пат А2 делница Тетово – Гостивар бр. 0507-219/17 од 03.04.2025 година со избраниот економски оператор без да ја дочека конечната одлука по поднесена жалба од Државна комисија за жалби по јавни набавки согласно која одлуката за избор била поништена“, се вели во соопштението на Финансиската полиција.




