17.01.2007 Нови 60 внатрешни ревизори ќе проверуваат како одговорните во министерствата и во буџетските институции ги трошат државните пари. Тие годинава ќе се вработат во државната администрација и ќе им се приклучат на сегашните 40 контролори, чија задача е да откриваат дали државните службеници работат чесно и домаќински, или, пак, влегуваат во зоната на незаконско и ненаменско трошење на буџетските средства. На оваа одговорна задача новите 60 ревизори ќе стапат откако ќе поминат специјални обуки во Министерството за финансии, на кои ќе мора да научат многу вештини, како што се ревизија на јавните набавки, откривање ризици, спречување измами и слично. Од нив, 40 ќе бидат ангажирани на централно ниво, а на локално ќе одат 20 нови ревизори, кои ќе го контролираат трошењето на општинските пари. Овој проект ќе чини еден милион евра, а во него твининг-партнер на нашето Министерство за финансии е владата на Кралството Холандија. |
Власта веќе спакува нов закон за јавна внатрешна финансиска контрола, чиј предлог ќе се најде пред пратениците веќе во текот на идниот месец. Посилна внатрешна контрола и засилен капацитет на ревизијата на јавните финансии е главната цел заради која се носи ова ново законско решение. Тоа ќе значи и прифаќање на препораките на Европската комисија, од каде што имало забелешки дека овој систем во земјава досега не функционирал сосема задоволително. Неговото подобрување, пак, е неопходно за да може да се користат средствата од европските фондови. Државниот секретар во Министерството за финансии, Снежана Костадиноска-Милошоска, на вчерашниот прес потенцира дека внатрешните ревизори и досега во земјава беа присутни и работеа, но не беше доволен нивниот број. Во Министерството за финансии велат дека досегашен проблем бил и што откриените неправилности надлежните органи не ги процесуирале понатаму, односно во јавното обвинителство и судовите. Инаку, и во минатото се преземале санкции спрема оние што незаконски ги трошеле државните пари, но јавноста за тоа не била информирана. Со новиот систем нерегуларностите треба да биде сведени на минимум. Ќе се врши контрола од самиот старт – при иницирањето, одобрувањето и извршувањето на одлуките за трошење, како и на самите плаќања. Надзор ќе има дали средствата се користени законски и наменски. Се смета дека овие процедури ќе обезбедат транспарентно, регуларно, економично, ефикасно и ефективно користење на државните пари. Во Министерството за финансии велат дека Државниот завод за ревизија добро си ја врши својата работа, но со новите ревизори се очекува уште повеќе да зајакне оваа контрола.
Извор : Утрински весник
|