30.01.2007 Коалициите на СДСМ и на ВМРО-ДПМНЕ за четири-пет пати го пробиле законскиот лимит во кампањата за парламентарните избори во 2006 година. По осум милиони евра во гламурозни изборни активности, од митинзи, карвани, платени програми во медиуми, фаци на билборди, флаери, до капи, маици, пенкала, фрлиле двете најголеми партии. Сепак, пиедесталот неприкосновено го држи Социјалдемократскиот сојуз на Македонија кој за време на изборите се' уште беше на власт, но ни малку по расипништво не заостанува ни ВМРО-ДПМНЕ. Ова го тврдат ревизорите кои најавуваат дека ќе ги испочитуваат сите законски рокови до официјалното објавување на извештаите за осум политички парламентарни партии. За евентуалните дубари во финансиите на партиите на кои алудира Државниот завод за ревизија својот збор подоцна треба да го кажат овластените институции, Министерството за внатрешни работи, Јавното обвинителство, Управата за јавни приходи. „Конкретните бројки за материјално-финансиското работење на партиите во текот на изборната кампања за пратеници ќе бидат достапни за јавноста до крајот на идната недела“, најави вчера главниот државен ревизор, Драгољуб Арсовски. „Ќе биде многу интересно“, додаде Арсовски, мислејќи на наодите до кои дошла екипата ревизори, правејќи контроли и во текот на кампањата, а по потреба се вклучувала и во продолжена ревизија. |
Според ревизорите, партиите жедни за пратенички фотелји неконтролирано трошеле во телевизиските кампањи и ниту една не се покажала како штедлива. Причина, недоречени и непрецизни законски прописи кои дозволуваат такво однесување по кое никому нема да му падне влакно од глава. Многу партиски потези за време на изборната кампања воопшто не биле документирани. Партиите, во зависност од близината со телевизиските куќи, добивале неверојатни привилегии за таканаречените платени реклами. Тоа што фрапира е податокот дека цените за партиите не се ни близу до пазарната вредност, туку за десет-петнаесет пати пониски. Тоа не било причина партиите како корисници на услугите од електронските медиуми да ја пријават разликата како донација. И покрај сознанијата за повеќе изборни штабови, партиите пријавиле двојно или тројно помалку. И со ситните работи, како што бил рекламниот материјал, се калкулирало, едно се запишувало во фактурите, друго се случувало на терен. Ваквите сознанија на Државниот завод за ревизија, кои наскоро ќе бидат обелоденети непосредно по изборите, ги навести Антикорупциската комисија. Во бунарот наречен „како да се добијат избори“, според антикорупционерите кои ги споредуваа податоците од ценовниците на медиумските куќи и реалното времетраење на платеното политичко рекламирање, се слеале неколкукратно повеќе пари. „Коалициите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ неколкукратно го имаат надминато законскиот граничник утврден во Изборниот законик. Се разбира, доколку не се земат предвид евентуалните попусти за платено рекламирање, со однапред склучен договор меѓу медиумот и политичката партија“, потенцира Антикорупциската комисија по истражувањето. За недоследностите во изборното законодавство, под притисок на јавното мислење и експертските забелешки, веќе се подготвени измени. Меѓу другото, партиите ќе добијат конкретна законска обврска во детали да ги објавуваат податоците за спонзорите и за спонзорствата. За постигнување на оваа цел, учесниците во трката за пратеници, претседател или градоначалници, самите ќе водат регистри на донации. Во тие книги ќе ги запишуваат името, односно називот на секој донатор поединечно, видот и вредноста на донацијата, но и датумот на добивање на донацијата. Спонзорствата ќе се водат на стандардизиран образец, пропишан со посебен правилник од министерот за финансии. Интересно е тоа што законодавецот предлага проширување на листата на извори на финансирање во текот на изборната кампања. Еден од нив би била членарината на политичката партија. На последното парламентарно соочување кампањата можеа да ја поддржуваат поединци-физички лица и фирми-правни лица со 5.000, односно 20.000 евра во денарска противвредност. Во иднина списокот финансиери ќе се дополни со поединци и фирми кои можат да донираат пропаганден материјал, капи, маици, знамиња, но и други видови услуги, чија вредност не смее да го надмине износот од 5.000, односно 20.000 евра. Антикорупциската комисија се изјасни дека објавувањето на донациите од правните и физичките лица за време на кампањата треба да биде задолжително за учесниците во изборната трка. Оттаму имаше предлог точно да се утврди што се смета за извори на финансирање на кампањата. Антикорупционерите сметаат дека Изборниот законик треба да содржи прецизни одредби кои ќе обврзат електронските медиуми за време на изборна кампања јавно да ги објават попустите на цените за политичките партии. Аргументите за ова беа дека така им се дава еднаква положба на сите учесници во изборната кампања.
Извор : Утрински весник |