20.02.2007 Ќе се проверува имотната состојба на цариниците. Под лупата на даночниците ќе бидат не само раководните кадри во Царинската управа на Македонија туку сите 810 цариници. Владата со заклучок ја задолжила Управата за јавни приходи да исконтролира дали имотната состојба на цариниците одговара на она што го пријавиле во анкетните листови. Ова е прва масовка во контролите на легалноста на личното богатство на вработени во државната управа. |
"По увидот во податоците од анкетниот лист, тие ќе се споредат со расположивата евиденција на УЈП и банкарските сметки кои ги има лицето. Ако се констатираат непријавени и неоданочени приходи, односно имот без потекло, лицето ќе го повикаме на расправа во Управата за јавни приходи за да може да приложи докази за новоздобиениот имот. Доколку не обезбеди доволно и издржани докази, УЈП ќе донесе решение за задолжување на лицето со персонален данок на доход, со даночна стапка од 70 отсто. За да ја обезбеди наплата на даночниот долг, Управата ќе поднесе предлог за замрзнување на имотот на должникот до надлежниот основен суд", објаснуваат во УЈП. Извор: Вест |