22.02.2007 Владата предлага нов закон против перење пари со кој ќе се заостри борбата против нелегалните финансиски трансакции и финансирањето на тероризмот. Новините во Законот за спречување перење пари и други приноси од казниво дело и финансирање тероризам, што завчера го усвои Владата, се во приспособување на процедурите на анализа во случај на перење пари и финансирање тероризам, потоа забрана за отворање анонимни сметки и забрана на вршење готовински плаќања со постојните европски директиви. Една од новините е и прераснување на сегашната Дирекција во Биро за спречување перење пари и финансирање тероризам. |
Според министерот за финансии, Трајко Славески, со анализата ќе се преземаат активности во насока на идентификување и верификување на идентитетот на клиентот, ополномоштувачот и крајниот корисник, како и мониторинг на усогласеноста на деловните активности со утврдениот профил за клиентот и неговото континуирано ажурирање. Во зависност од утврдената процена на ризикот на клиентот, може да се спроведува поедноставена или засилена анализа, образложи вчера на прес-конференција министерот Славески. Со законот, исто така, се оневозможува стапување или одржување деловен однос со таканаречени банки-школки кои, како што појасни министерот Славески, се финансиски институции кои вршат функции за кои немаат подлога со капитал и не се основани според нашите закони. Останува забраната за отворање анонимни сметки. „За да се намалат готовинските плаќања, законот забранува вршење готовински плаќања, односно исплата или примање готови пари на 15.000 евра или повеќе, во денарска противвредност, како една или повеќе поврзани трансакции што не се извршени преку финансиска институција“, рече Славески. Тој појасни дека законот ќе се носи во две фази што ќе овозможи да се донесат квалитетни решенија.
Извор: Утрински весник |