Транспаренси Интернешнл-Македонија продолжува да ја спроведува редовната месечна активност за следење на случаи и дејствија поврзани со коруптивни однесувања и борбата против корупцијата, што ја нарековме „Бистро-Матно“.
Следењето на овие случаи има голем одзив, како во јавноста, така и меѓу домашните и странските институции и со текот на времето прерасна во релевантен алтернативен барометар на корупцијата и на волјата на државата да се справува со овој проблем. На овој начин, сите заедно придонесуваме за поголема свест за овој проблем во општеството во целина.
=========================================================================================
“МАТНИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ ЈУНИ 2026 ГОДИНА
Двајца поранешни претседатели на ФФМ осомничени за проневера на над 180 милиони денари – Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција бара притвор за осум лица и мерки за претпазливост за четири лица, во врска со истражната постапка против 18 физички и осум правни лица за „проневера во службата“ од околу 3 милиони евра во Фудбалската федерација на Македонија. Во постапката опфатени се поранешните претседатели на ФФМ, Илчо Ѓорѓиоски и Мухамед Сејдини, како и поранешната сметководителка на федерацијата Олгица Младеноска кои се сомничат за сторено кривично дело „Проневера во службата“. Управителите на правните лица се сомничат за помагање на делото и по едно дело „перење пари и други приноси од казниво дело“. Станува збор за дејствија во период од 2015-2019 година, каде првоосмничениот и второсомничениот имаат потпишано 728 платни налози доставени од третоосмничената за потпис и реализација.
Eксдиректорот на царина Стефан Богоев осомничен дека наместил тендер за хигиена на граничните премини и за мито од 1.800 евра – Управата за финансиска полиција до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе кривична пријава против Стефан Богоев, тогаш во својство на службено лице директор на Царинската управа, С. М. во својство на службено лице – помошник директор во Царинската управа, Д. Г. во својство на овластено лице во фирма, А. С. во својство на вработено лице во правното лице и против една фирма, поради постоење основи на сомнение за сторени кривични дела Злоупотреба на постапка за јавен повик, доделување договор за јавна набавка или јавно-приватно партнерство, од член 275-в од КЗ на РСМ, Примање поткупод чл.357 од КЗ на РСМ, Давање поткуп од чл.358 од КЗ на РСМ и Примање награда за противзаконито постапување од чл.359 од КЗ на РСМ.
Државниот завод за ревизија открива слабости во системот за исплата на социјална заштита: можни неправилности и неусогласености – Државниот завод за ревизија утврдил слабости во системот за остварување, исплата и контрола на правата од социјална заштита во Македонија, покажува најновиот ревизорски извештај. Според наодите, системот не е целосно усогласен со законската и подзаконската регулатива, а се нотираат недоречености и неусогласености во правната рамка, особено во делот на прибирање и размена на податоци по службена должност. Тоа, како што се наведува, може да доведе до нееднаква примена во пракса и намалена правна сигурност. Хаос во Институтот за јавно здравје – ревизорите откриле проблеми со наплата на долгови, спорни исплати, не се користела медицинска опрема – Ревизорите утврдиле низа слабости во финансиските извештаи на Институтот за јавно здравје. Ревизијата била спроведена на сметката за средства од програмите за здравствена заштита, сопственото учество на осигурените лица во цената на здравствените услуги и други сопствени приходи. Оттаму бараат Институтот да изврши целосен попис на сите потрошени медицински материјали по пациент и упат и точно да ги евидентира во извештајот, како и навремено да врши наплата на побарувањата. Сомнителни исплати во Академијата на судии и јавни обвинители, но и блокирани генерации за кои се вложиле многу пари – Низа неправилности во финансиското и организациското работење на Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“ се констатирани во најновите наоди, кои отвораат сериозни прашања за законитоста и транспарентноста на институцијата, утврдил Државниот завод за ревизија. Според утврденото, исплатите на надоместоци за членовите на Управниот одбор и Програмскиот совет се вршеле месечно и во целост, наместо пропорционално според присуството на седници, што е спротивно на принципите на отчетност. Дополнително, законскиот рок за завршување на втората фаза од почетната обука за осмата генерација слушатели за судии и јавни обвинители бил надминат за три месеци, со што биле предизвикани дополнителни финансиски трошоци за ментори и координатори.
По 18 години заврши судската голгота за обвинетите во ,,Изгрев” – По 18 години години низ судските лавиринти, обвинетите во случајот ,,Изгрев” конечно ќе дочекаат и правосилна ослободителна пресуда. На јавната седница во Апелација, во средата, Вишото јавно обвинителство побара да се одбие жалбата поднесена од Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, кое се жалеше на ослободителната првостепена пресуда. На овој предмет му требаше цело полнолетство, за да се утврди дека обвинетите неправедно биле обвинети, а потоа и осудувани. Низ годините се свртеа неколку обвинители и судии, но оној првиот Ѓоко Ристов, и самиот неодамна заврши зад решетки. Тој тврдеше дека во случај „Изгрев“ биле перени пари, а на крајот „заглави“ во притвор за истото кривично дело, откако во семејната куќа му беа пронајдени соѕидани 350.000 евра.
ЦГК: МВР со огромна заработка од пасошите, МНР плаќало незаконски износи за аванси за евакуациски летови од Блискиот Исток – Центарот за граѓански комуникации го објави истражувањето Јавен надзор над јавните набавки: Студии на случај (издание бр.2). Анализирани се конкретни случаи на потенцијално незаконски спроведени тендерски постапки во коишто грижата за јавните пари не била примарна. Овие случаи се издвојуваат преку анализа на наодите од црвените знаменца кои ги применува Бирото за јавни набавки, преку истражувања кои почиваат на јавно достапните информации, како и преку консултации со граѓаните. Издвојуваме дел од клучните наоди од 3 анализирани тендери:
- Набавка на пасоши, лични карти и возачки дозволи: За 5 години граѓаните платиле 73 милиони евра за лични документи врз основа на тендер стар 21 година и договори кои се „доверливи“;
- Тендер на МНР за закуп на авиони: Летовите за евакуација на граѓаните од Блискиот Исток во вредност од 1 милион евра, плаќани однапред, над законскиот лимит и
3.Тендер на Општина Чаир: Училишниот базен во Чаир вреден 890 илјади евра – 6 месеци беше завршен само на хартија.
“БИСТРИ” НАСТАНИ ЗА МЕСЕЦ ЈУНИ 2026 ГОДИНА
Министерството за животна средина попушти по реакциите – инспекциските контроли на загадувачите пак ќе се објавуваат јавно – Откако иницијативата „Стоп за Усје“ реагираше дека јавноста останува исклучена бидејќи Инспекторатот за животна средина прекина да ги објавува извештаите од своите надзори, се јави Министерството за животна средина, кое вели дека „останува доследно на определбата за поголема транспарентност и навремено информирање на јавноста за состојбите во животната средина“.
Кривична пријава за поранешен градоначалник на Свети Николе – Надворешната канцеларија за криминалистички работи Свети Николе поднесе кривична пријава против С.В.(55) од Свети Николе поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службената положба и овластување“. Пријавениот, во својство на градоначалник на општина Свети Николе, во текот на 2021 година, пречекорувајќи ги границите на своите службени надлежности, постапил спротивно на одредбите од Законот за градење и Правилникот за начинот на издавање на одобренија за градење на тој начин што лично изготвил, потпишал и издал одобрение за градење, кое не било евидентирано во електронскиот систем на Сектор за урбанизам, заштита на животната средина, комунални работи и оттуѓување на градежно земјиште при општина Свети Николе, информираат од МВР.
Полицаец примил мито за да пушти украдено возило преку граница – ќе одговара кривично – Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди при Министерството за внатрешни работи, до надлежното Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција – Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворска полиција, поднесе кривична пријава против Д.С. поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „примање поткуп“ по член 357 од Кривичниот законик.




