11.03.2007 Ослободителната пресуда за Агим Красниќи и полициската акција против корумпирани полицајци и цариници, се случаите што оставија белег во февруари годинава, во поглед на можностите за корупција и борбата против. За овие два настанаа гласаа најголем број од 16 уредници на национални медиуми, кои учествуваа во последната редовна месечна анкета „Барометар на корупцијата“, што ја спроведуваат НВО „Нулта корупција“ и Независната новинска агенција Макфакс. За случајот „Ослободителна пресуда за Красниќи“ во рубриката „матно“ гласаа 11 од 16 главни уредници на националните електронски и печатени медиуми. Тие се согласни дека е донесена „експресна судска одлука“ на судијка во Основен суд 1 во Скопје за ослободување на Красниќи и осуммина други инволвирани во случајот од обвинението, како и дека се применети „различни аршини при проценка на исти докази“. |
На второ место со три добиен гласа во рубриката „матно“ се пласира случајот со корупција во ДУИ со парите од сопственикот на „Ер Вардар“. По еден глас добија неправилното трошење буџетски пари од страна на претходната Влада и случајот со продажбата на фабриката за муниција и експлозивни средства „Сувенир“, која поради нови сознанија по втор пат за еден месец беше предложена во рубриката „матно“. Најмногу гласа во рубриката „бистро“, повторно 11, доби полициската акција во која е откриена корупција и се извршени апсења на полицајци и цариници на граничните премини. Уредниците што гласаа за овој настан се согласија дека станува збор за „досега најголема акција за откривање на корупција во Полицијата и Царината спроведена од страна на Министерството за внатрешни работи“. При оваа акција на Одделот за организиран криминал и корупција при МВР, во која беа применети и посебни истражни мерки, од слобода се лишени вкупно 41 лице, најголемиот број од нив од Полицијата и Царината. По извршениот претрес на уапсените лица, откриени се и одземени 37.575 евра и 145.500 денари. На второ место во рубриката „бистро“, со четири гласа се пласира Извештајот на Државниот завод за ревизија за финансирањето на ланската изборна кампања и политичките партии, во кој се наведуваат бројни неправилности и незаконски „донации“. Анкетата „Барометар на корупцијата“ се спроведува месечно од декември 2004 и во неа учествуваат главни уредници на национални медиуми. Во анкетата за февруари учествуваа главните уредници на телевизиите А1, Алсат –М, Сител и Телма, радиото Канал 77, весниците Дневник, Вест, Утрински весник, Време, Вечер, Факти, и Бизнис, неделниците Фокус, Капитал и Актуел и електронското издание на „Лоби“.
|