26.04.2007 Најмногу барања за пристап до информациите од јавен карактер македонските граѓани поднеле до Министерствата за труд и социјална политика, за одбрана и за внатрешни работи. Ова денеска го соопшти претседателот на Комисијата за заштита на правото за слободен пристап до информациите од јавен карактер, Јанко Николовски, на прес конференција по повод одбележувањето на годишнината на оваа Комисија. Николовски посочи дека информациите што македонските граѓани ги бараат најчесто се од личен или од финансиски карактер, додавајќи дека голем е бројот на граѓани кои бараат пристап до информации и од Општините. Тој се пожали на недоволна информираност и знаење за оваа проблематика кај граѓаните, но и кај имателите на информациите, и додаде дека дел од институциите не се кадровски доволно опремени. |
Комисијата во текот на нејзината работа идентификувала 1.050 иматели на информации од јавен карактер, а само 445 лица за контакт. По интензивна работа на Комисијата, бројот на лицата за контакт бил зголемен на повеќе од 500, но и тоа се смета за недоволно. Граѓанинот, кој што од Имателот на информацијата добил несоодветен одговор, или не му било одговорено во предвидениот рок од 30 дена, има право на жалба. Николовски информираше дека во дел од 2006 година, кога работела Комисијата добила 513 барања и 35 жалби.
Извор: Макфакс |