06.05.2007 Невладината организација "Нулта корупција" го изразува своето решително несогласување со предлогот на Владата за донесување нова законска регулатива, со која Советот за радиодифузија и агенцијата за електронски комуникации како независни регулаторни тела да се укинат и да се воведува единствено тело – Агенциија за електронски комуникации, радиодифузија и пошти – со што се прави чекор назад во демократизацијата на македонското општество.
Постојните закони се донесени со опсежна експертиза на Европската унија и нејзина позитивна оценка условена од нивното доследно имплементирање. Тој факт го налага заклучокот дека секое менување и намера за унапредување на постојните закони треба да се прави во склад со темпото на промените во европската легислатива. Еден од аргументите на Европската унија во поддршката на овие закони е дека постоењето на двете регулаторни тела како независни овозможува полесно наметнување на обврските за транспарентност и контрола на работењето. |
Двата закона предложени од Владата на Република Македонија ненужно укинуваат две регулаторни тела спојувајќи ги во едно на кое му додаваат и трета обврска – поштите. Истовремено Владата со овој предлог ја укинува постапката членовите на регулаторното тело да ги предлагаат овластени предлагачи, вкупниот број на членови го намалува само на пет и истовремено Владата станува непосредно влијателна врз работата и одлуките на ова тело кое треба истовремено да регулира три области и во него да се концетрира огромна моќ што произлегува од новиот закон за радио-дифузна дејност.
Спрема новопредложениот закон надзор врз одредбите на Законот ќе врши Министерството за транспорт и врски а дури потоа новоформираната агенција. Со тоа целата оваа област се дерегулира што е во спротивност со Препораката на Советот на Европа Рец 2000 (23) за незвисноста на радиодифузните регулаторни власти.
Со ваквата дерегулатива за којашто се определува Владата се крши столбот што независните медиуми го претставуваат во борбата против корупцијата. |