08.05.2007 Министерот за правда Михајло Маневски на вчерашната проширена седница на Судскиот совет на Македонија најави дека ќе се прави закон за судење во разумен рок. Тој уште еднаш побара судиите да не бидат комотни и да почнат да се однесуваат поодговорно, менаџерски и реформски. "Факт е дека некои судии се однесуваат многу ноншалантно. Кој ги контролира кога доаѓаат, а кога си одат од работа? Освен тоа, претседателот на Врховниот суд Дане Илиев во последно време укажува на еден сериозен проблем – квалитетот на пресудите и на одговорот на жалбите е катастрофално слаб", рече Маневски. Тој додаде дека го боли глава кога ќе ја види бројката од над милион незавршени, заостанати предмети во судовите и апелираше судиите да престанат да се жалат дека им е тешко, зашто граѓаните повеќе не може да се убедат во тоа. |
На претседателите на судовите кои се жалеа дека имаат недостиг на судии и наплив на предмети, Маневски им рече дека Македонија, всушност, го зголемува бројот на судиите. "Се отвора четврти Апелационен суд во Гостивар, се формира нов Управен суд со 19 судии. Прекршоците ќе ви се симнат од врат, зашто за еден-два месеца нив ќе ги решаваат управните органи – МВР, УЈП, Финансии, Царината… Во иднина ќе ни требаат само судии кои ќе можат ефикасно да се справат со старите предмети, но и со напливот од нови. За другите ќе нема место", рече тој.
Извор: Вест |