23.05.2007 Поранешен долгогодишен висок функционер на Царинската управа на Македонија е осомничен од страна на полицијата за злоупотреба на функцијата во корист на фирмата „Фершпед“. Полицијата соопшти дека поднела кривична пријава против В.Л.(61), поранешен помошник на директорот во Секторот за царинско-правни работи, бидејќи ја оштетил Царината, односно државниот буџет во висина од околу три милиони и 200 илјади денари во полза на „Фершпед“. Одделот за организиран криминал утврдил дека В.Л. во 2004 година примил пресуда од надлежен суд дека Царината треба да му плати на „Фершпед“ околу 4,5 милиони денари, за задоцнето плаќање фактури по основа на закуп на деловен простор во период од неколку години. |
Наместо да ја даде пресудата до надлежните служби во Царината за плаќање или пак да вложи жалба на пресудата, В.Л. не презел никакво дејство, поради што следела уште една тужба од страна на „Фершпед“, врз основа на која надлежен суд утврдил дека Царината треба да плати дополнителни 3,2 милиони денари на основа на затезни камати за неисплатената сума по однос на првата пресуда. Поради сето ова во јануари годинава Царината исплатила над 7 милиони денари на сметката на „Фершепд“. Компанијата „Фершпед“, една од најбогатите во Македонија е предводена од еден од т.н. транзициски олигарси, Штерјо Наков. Пријавениот В.Л. по смената на власта во Македонија по ланските парламентарни избори, се вработи во „Макпетрол“, најголемата приватна компанија во земјата која се занимава со трговија на нафта и деривати и која исто така како и Фершпед, доби судски спор против Царината од неколку милиони евра.
Извор: Макфакс |