07.06.2007 База на податоци, неменување на државната администрација една година пред и по избори, како и на јавниот обвинител до истекот на неговиот мандат, се дел од предлозите во новата програма на Антикорупциска комисија. Се работи за вкупно 34 поважни обемни проблеми кои ќе се решаваат преку 140 активности, кои се предвидени во новата Државна програма за превенција и репресија на корупцијата, што ја изработи Антикорупциската комисија, а која беше презентирана денеска. „Оценките се дека институциите во Македонија имаат слаб капацитет, постои влијание на политиката, нетранспарентност и подложност на корупција. Токму затоа ние ќе делуваме во овие точки“, изјави денеска претседателката на Антикорупциската комисија Мирјана Димовска, презентирајќи го Акциониот план. |
За полесна реализација, планот е поделен на шест столба и ги опфаќа политичкиот систем, правосудството, јавната администрација, локалната самоуправа, институциите за спроведување на законот, економскиот и финансискиот систем, како и граѓанското општество медиумите и синдикатите. Во подготовката на Државна програма за превенција и репресија на корупцијата, Комисијата вклучила над 60 учесници, како и претставници од Собранието, политичките партии, државните органи и институциите, локалната самоуправа, граѓанскиот сектор и медиумите. „Завиден интерес за програмата имаше минатата недела при нејзината презентација во Брисел, од каде општа оценка беше дека таа е стратешки добро поставена“, додаде Димовска.
Извор : Макфакс |