– Секој може да рече дека во досегашните јавни набавки немало фаворизирање одредени фирми. Ако не се успее да се добие тендерот, жалбите тешко се добиваат – велат од претпријатие што учествувало на повеќе тендери распишани од државните институции. Тие велат дека имало практика тендерите да бидат делени на помали суми, со единствена цел со непосредна спогодба да биде склучен договор со фирма што е блиска до Владата, без разлика за која партиска гарнитура станува збор. – Ако основната идеја е да се надмине бирократскиот пристап и намалување на трошоците кои фирмите ги даваат за учество на тендерите, тогаш одлуката за измени на Законот за јавни набавки е за поздравување. Но ако станува збор за фаворизирање на богатите фирми, тогаш се паѓа во вода – вели сопственик на мала фирма од Скопје, која досега учествувала на тендерите што ги добиле големите компании. Покрај измените во делот на минималниот износ на распишување на јавните набавки, Министерството за финансии предлага и воведување електронски аукции, како посебен начин на спроведување на постапките за јавни набавки. Со воведувањето на овие аукции, велат од министерството се очекува да се заштеди и да се зголеми ефикасноста и економичноста во постапките за јавни набавки. – Електронските аукции се користат во повеќе земји-членки на ЕУ и досегашните нивни искуства се позитивни – велат од министерството. Кај овие електронски аукции се обезбедува директна конкуренција, каде што понудувачите меѓусебно ги намалуваат понудените цени и во секој момент можат да видат дали нивната понуда е најконкурентна. Електронските аукции, велат надлежните, не би требало да дозволат субјективизам при оценувањето на понудите и претставуваат добра основа за зголемување на транспарентноста. – Ако се достапни сите информации на сите учесници, се намалува можноста за фаворизирање, со која би се нарушил принципот на доверливост на понудите или злоупотребата на дискреции во фазата на процената – напоменуваат од Министерството за финансии. Идејата за електронски аукции ја поздравуваат поголемиот број компании што се учесници на тендерите што ги распишуваат државните институции. – Ако се биде како што вели законот, тоа ќе биде одлична можност да се види во самиот момент колку нуди конкуренцијата и ќе може да се преговара и наддава за понудениот тендер – велат тие.
Извор : Време
|