12.06.2007 Освен шестмесечното доцнење на изборот на пет члена на Судскиот совет, дополнително ќе доцни и почетокот на работата на новиот управен суд. Овој суд според законот требаше да почне со работа во мај годинава. Но, поради некомплетноста на Судскиот совет, кој треба да ги избира судиите што ќе работат во управниот суд, тоа не се случи. |
Управниот суд, како специјализиран, требаше од Врховниот суд да го преземе решавањето на управните спорови. Во образложението на измените на Законот за управните спорови се вели дека тие се предлагаат поради некомплетноста на Судскиот совет. Тој треба да биде составен од 15 члена, а досега се избрани 10. Според Законот за Судскиот совет, ова тело може да избира и разрешува судии со двотретинско мнозинство од вкупниот број членови. Сегашниот број членови на Судскиот совет има токму две третини од вкупниот број членови, што значи дека ако само еден член гласа против, судиите не може да бидат избрани. Пратениците од помалите етнички партии со свои барања го условуваа изборот на пет члена на Советот, кои не се од редот на судиите. Кога нивниот избор конечно минатата недела беше ставен на гласање, тие не беа избрани. Сега собраниската Комисија за избори и именувања треба да предложи тројца нови кандидати, а претседателот на државата двајца.
Извор: Дневник |