27.07.2007 Специјализирана дирекција ќе менаџира со конфискуван имот се' до завршување на кривична, управна и царинска постапка. Оваа посебна организациона единица во Министерството за правда ќе треба да реши што понатаму со запленетото и како да се задржи неговата вредност за идна, можна конфискација. Вакви системи, развиени до перфекција, постојат во некои европски држави, како што се Холандија или Велика Британија. „На првата наредна седница Владата треба да визира закон што ќе ги расчисти сите дилеми околу управувањето со одземен имот во постапка за конфискација“, најавува министерот за правда, Михајло Маневски. Не откривајќи повеќе детали, тој вели дека запленетите предмети, како на пример, возила или техника, во иднина ќе се чуваат на едно место во државата, во централно депо лоцирано близу Идризово. Во Македонија се донесуваат решенија за конфискација на имот, но нема кој да ги спроведе. Веројатно, овој закон ќе биде основа државата да почне да стопанисува со замрзнат имот, без разлика дали станува збор за луксузни вили или за објекти на пропаднати компании. |
Во работна и се' уште недефинирана верзија е законот за конфискација на имот во чие дооформување учествуваат експерти од Правниот факултет кои ги проучуваат најдобрите практики од оваа сфера. Според министерот за правда, можно е нацрт-законот да биде готов до 15 август. За ефикасно справување со криминалот и корупцијата, неопходно е сите приходи стекнати на криминален начин да се конфискуваат. Корупцијата е пресметан ризик на криминалците. Конфискацијата значи одвојување на криминалците од она што го стекнале незаконски. Единствен ефикасен метод во борбата против криминалот и корупцијата е да им се земе мерка на парите, нагласуваат теоретичарите. Велат дека е добро да се почне од нешто за да се пополнат бројните празнини во нашето законодавство кои се однесуваат на замрзнувањето или запленувањето како претходни мерки пред конфискацијата по финализирана постапка. Ако денес сме откриле некое криминално дело, треба да ја заплениме куќата или возилото, за да ги конфискуваме по неколку години, кога евентуално ќе заврши судската постапка, без тие да изгубат вредност. Некои искуства препорачуваат договори меѓу државата и сопствениците за тоа на кој начин одземена куќа, луксузно возило, скапа уметничка слика да останат со идентична вредност. „Тоа може да се постигне со продажба на оглас или со лицитација, а потоа парите се чуваат на сметка. Без разлика дали парите ќе му се вратат на лицето или ќе бидат на сметка на државата, никој нема да биде оштетен. Државата мора да мисли и на постапката, но и на човековите права“, нагласува претседателката на Програмскиот совет на „Нулта корупција“, Слаѓана Тасева, предупредувајќи на можно соочување со побарување за отштета. „Ако на некого нешто неправилно му било оневозможено да го користи, тој може да тужи за повреда на човековите права“, додава Тасева. Таа додава дека станува збор за многу чувствителна материја која бара детаљна разработка. Притоа, отвора серија прашања вредни за размислување. „Што ќе се случи ако станува збор за заплена на брод. Каде ќе се чува ако не може да се продаде? Може ли скап килим само да се свитка, а да не се размисли дека ќе го изедат молци? Како ќе се постапи во куќа која е замрзнат имот доколку пукне водоводна цевка и предизвика штета? Дали сопственикот може да живее во стан за кој се води постапка за конфискација, а од него да изнесува вредни предмети, на пример, златни чешми. Кој ќе го контролира тоа? Државата ќе остане со празни раце доколку добро не ги поткова законските прописи“, заклучува Слаѓана Тасева.
Извор: Утрински весник |