04.08.2007 Владата на Република Македонија на последната седница го прифати Предлог законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка со кој се врши усогласувањето на оваа материја со најновите меѓународни стандарди и се заокружува законската рамка во Македонија во борбата против корупцијата и организираниот криминал, информира на денешната прес-конференција владиниот портпарол Ивица Боцевски.
– Причините за донесувањето на овој закон се огледуваат во фактот дека постапувањето со конфискуваните предемти е еден од можните извори на корупција. Со донесувањето на овој закон ќе се обезбеди правна рамка која ќе го регулира начинот за управување и постапување со конфискуваниот имот и одземените предемти и домаќинско управување на надлежните органи засновано врз начелата на законитост, економичност и ефиканост, рече Боцевски. Тој појасни дека при изготвувањето на законот биле користени искуствата од постарите, но и од новите земји членки на ЕУ.
|
Законот треба да резултира и со зголемување на финансиските средства кои се уплатуваат по овој однос во Буџетот на Република Македонија. Под одземен имот се подразбира привремено конфискуваниот имот, имотната корист, привремено одзмените предмети за кои не е донесена судска одлука, како и конфискуваниот имот, имотната корист, привремено одзмените предмети за кои има правосилна судска одлука во кривична и прекршочна постапка. Законот предвидува формирање посебна управа за менаџирање со конфискуваниот имот во рамки на Министерството за правда, со која ќе раководи директор, кој ќе го именува Владата. Од средствата собрани по овој основ по 20 проценти ќе бидат распределни во Буџетот на Македонија, во буџетот за судската власт, за Јавното обвинителство, за Управата за извршување санкции и за новоформираната Управа за менаџирање на конфискуваниот имот.
|