27.082007 Јавното правобранителство во петокот поднесе тужба до судот со која се бара да се поништи приватизацијата на „Фершпед“, дознава „Дневник“. Со тужбата до Основниот суд Скопје 2 против „Фершпед“, Правобранителството бара да се прогласи за ништовна одлуката од март 1991 година за издавање интерни акции за прибавување дополнителен капитал, одлука што е донесена од ЖТП ДОО „Фершпед“ од Скопје. На судот му се предлага да утврди дека е ништовен Договорот за продажба на претпријатието на лица што го презеле управувањето и водењето на претпријатието, склучен меѓу Агенцијата за трансформација на претпријатијата со општествен капитал и продавачот Штерјо Наков, како застапник на лицата, и оти не произведува правно дејство од денот на склучувањето. Со тужбата се бара утврдување на правото на сопственост на 51 отсто од акциите на Република Македонија како основач на ЖТО „Скопје“. |
Според нашите извори, до конечната одлука, на судот му се сугерира да го замрзне прометот со сите недвижности и средства што во Катастарот се запишани како сопственост на „Фершпед“. Привремената мерка се предлага да трае до правосилното завршување на судскиот спор. Државното правобранителство на предметот „Фершпед“ работеше повеќе од шест месеци. Од сите релевантни институции – УЈП, Министерство за финансии, Државна комисија за спречување на корупцијата, Катастарот и други, се прибрани 95 отсто од потребните докази и материјали. Во Правобранителството велат дека соработката на сите институции била на високо ниво, што овозможи пристап до информациите поврзани со приватизацијата на „Фершпед“. Антикорупциската комисија уште во 2003 година поднесе иницијатива до Правобранителство со која бараше да почне судски процес за поништување на приватизацијата на една од најмоќните компании. Според документите на антикорупциска, „Фершпед“ во 1994 година бил незаконски приватизиран. И Управата за јавни приходи досега подготви три извештаи – во 1995 година, 2002 и 2006 година. Во два од нив беа изнесени незаконитости за приватизацијата на државниот имот. За претходната правобранителка, Зоја Лега Станоевска, немаше криминал во приватизацијата на „Фершпед“. Досега случајот „Фершпед“ неколкупати се најде пред суд. Има една одлука од Врховниот суд со која приватизацијата е прогласена за законска.
Извор : Дневник |