18.10.2007 Царинската управа на Македонија дополнително ќе ги зајакнува своите капацитети со помош на консултантски услуги на специјализирана агенција. Ова денеска во Скопје го соопшти министерот за финансии Трајко Славески, кој што во име на македонската Влада пред неколку дена потпишал договор со британската агенција Crown Agents. „Договорот е вреден 7,5 милиони евра, а е потпишан за наредните 24 месеци“, рече Славески прецизирајќи дека износот ќе биде исплатен пропорционално од буџетите за 2007, 2008 и 2009 година. |
Министерот Славески информираше дека договорот бил потпишан преку директна спогодба поради тоа што на двата јавни тендери кои ги објавила Владата, освен британската агенција немало други заинтересирани. “Заради транспарентност сите детали од овој договор веќе утре ќе бидат објавени на интернет страната на министерството за финансии и на бирото за јавни набавки“, рече Славески. Crown Agents (CA) Владата го познава од претходно, преку успешните проекти во неколку земји во светот, со видливи резултати во зголемувањето на капацитетот на царинските управи, меѓу кои и на соседна Бугарија, рече Славески. Претставникот на CA Френк Фергусон, изрази уверување дека по две години ќе има причини за славење, бидејќи ќе бидат исполнети целите што ги бара македонската страна. Тој својот оптимизам го темели на фактот што создал тим со исклучително искусен кадар кој што ќе работи на овој проект. Ние не сме тука да им попуваме на македонските цариници, туку да им помогнеме во оние области, за кои што самите ќе посочат дека немаат доволно искуство, рече Фергусон на презентацијата на Договорот за консултантски услуги за зголемување на ефикасноста и подигнување на институционалниот капацитет на Царинската управа на Македонија.
Извор: Макфакс |