19.10.2007 Република Македонија остварила скок од 10 места, од 46. на 36. место на ранг-листата која "Репортери без граници" ја објавија завчера, а со која се мери слободата на печатот во 169 земји во светот за 2007 година. Со индекс од 11,50 Македонија останала меѓу првите 50 земји во светот каде што се и речиси сите земји членки на Европската унија. Македонија е во друштво на Италија, која е 35-та, и на Јапонија, која застана на 36. позиција. Овој скок е релативен, со оглед на тоа што и минатата година Македонија го имаше истиот индекс на слобода на печатот, а во ова рангирање не се вклучени неодамнешните инциденти во кои беа претепани новинари.
За првпат, по шестгодишното објавување на оваа листа, на последното место повеќе не е Северна Кореја, која негативната лидерска позиција и ја препушти на Еритреја. Русија е 144. и единствена членка на групата најразвиени во светот Г8 кај која не е забележан никаков напредок. Како европски "лоши момчиња" се обележани Бугарија и Полска, кои ги зазедоа 51., односно 56. место. Како земји со најголема слобода на печатот се оценети Исланд и Норвешка, кои со индекс од 0,75 го делат првото место.
|