25.10.2007 Иако фирмата „Семос“ е првопласирана и при второто бодување на јавниот оглас за избор на најповолен понудувач што ќе изработи софтвер за услугата преносливост на броеви, повеќе од десет дена е блокирано потпишувањето на одлуката од надлежните во Агенцијата за електронски комуникации. Од „Семос“ стравуваат дека со ова повторно се прави обид да се одолжи спроведувањето на јавниот оглас под притисок на политички кругови, на кои не им се допаѓа тоа што еден од сопствениците на оваа фирма е и сопругата на претседателот Бранко Црвенковски. Во Агенцијата за електронски комуникации велат дека нема каков било политички притисок, ниту обид за одолжување на јавниот оглас. |
– Постапката не е завршена бидејќи дојдовме до сознанија дека нашиот поранешен службеник Тони Стојановски, кој беше ангажиран со договор за дело, работел и во една фирма што даде понуда на јавниот оглас. Поради тоа од сите понудувачи побаравме писмена изјава дали лицето Тони Стојановски било вработено или работно ангажирано кај некој од нив од денот кога беше донесена одлука за распишување јавен оглас до денеска – изјави Виолета Цветковска, портпаролка на Агенцијата. Според неа, вакви изјави се побарани за да се обезбеди спроведување на транспарентна, законска и ефикасна постапка при одлучувањето за јавниот повик за преносливост на броеви, како и за да не дојде до одложување на постапката од страна на Второстепената комисија. Во „Семос“ тврдат дека немале контакт со Стојановски и дека него го запознале во текот на изборната постапка. Завршувањето на јавниот повик дополнително се оддолжува и поради тоа што директорката на Агенцијата за електронски комуникации, Лилјана Денковска, треба да биде изземена од потпишувањето на одлуката на Комисијата за јавни набавки. Таа претходно била назначена како стручно лице во Комисијата во текот на тендерската постапка. – Комисијата ќе овласти друго лице кое натаму ќе ја донесе одлуката за избор на најповолен понудувач на тендерот – вели Цветковска. Владината второстепена Комисија за жалби претходно ја поништи одлуката на Агенцијата за електронски комуникации за избор на „Семос“ зашто од јавниот повик била нерегуларно дисквалификувана фирмата „Сивус“. Комисијата одлучуваше по жалбата на второрангираната „Искрател“, која имаше технички забелешки. „Семос“ реагираше зашто е донесена одлука што не се однесуваше на таа жалба. Ова значи дека услугата преносливост на броеви нема да биде достапна уште најмалку три-четири месеци. Од неа најголема корист треба да имаат граѓаните преку зголемена конкуренција во телефонијата. Со оваа услуга тие ќе може бесплатно да го сменат мобилниот или фиксниот оператор, а да ги задржат бројот и префиксот што дотогаш го користеле.
Извор: Дневник |