16.11.2007 И покрај зголемениот обем на одземени предмети во кривични и прекршочни постапки, се' помала е сумата што се уплатува во буџетот по нивната продажба. Од анализите, Министерството за правда утврдило дека постапувањето со конфискуваните предмети е извор на корупција и како решение предлага да се основа посебна дирекција, која ќе управува со конфискуваниот и незаконски стекнатиот имот, како и со одземените предмети во кривичните и прекршочните постапки. Предлогот за донесување закон е доставен до Собранието на мислење. |
– Неконзистентната правна рамка со која се уредуваат конфискацијата и постапувањето со конфискуваните и одземените предмети и имотна корист резултира со недомаќинско работење и со губење на нивната вредност. Целта на законот е да се уреди оваа област и да се знае кој и како управува со конфискуваното и одземеното. Така ќе се зголеми и сумата што ќе се уплатува во буџетот. Сега одземените предмети се чуваат на повеќе места, што е проблем бидејќи некогаш не се знае што и каде „отишло“. Затоа, ќе се гради депо со магацини во Идризово и се' ќе биде на едно место – вели министерот за правда, Михајло Маневски. Во првата верзија на законот се предлага да се формира дирекција што ќе го чува и складира привремено и трајно конфискуваниот и одземениот имот, ќе ја одредува неговата вредност со помош на вешти лица и ќе го продава. Предметите со историска, научна или со уметничка вредност до правосилноста на пресудата ќе ги чува соодветна институција, а потоа тие без надомест ќе и' бидат отстапени. Скапоцените камења и благородните метали во текот на судскиот процес ќе се чуваат во Народната банка, а потоа ќе и' бидат вратени на дирекцијата, која откако ќе ја процени нивната вредност ќе ги продава. Владата може да донесе одлука дел од одземениот недвижен имот, по правосилноста на пресудата, да му биде отстапен на некој државен орган без надомест. Ако со правосилна пресуда не биде изречена конфискација на имот или за одземање предмети, тие ќе му се вратат на сопственикот, а ако тие во меѓувреме биле продадени, дирекцијата му ги враќа парите плус камата. Се предлага по 20 отсто од парите добиени со продажба на конфискуван имот да одат во буџетите на државата, на судската власт, на Јавното обвинителство, на дирекцијата и на Управата за извршување санкции. Директорот на дирекцијата ќе го назначува и разрешува Владата. Ќе има мандат од пет години со право на реизбор. Во предлогот засега не се спомнува дали и колку други вработени ќе има во оваа дирекција.
Извор: Дневник |