03.12.2007 Зголемена транспарентност на тендерските процедури, конзистентност со останата легислатива и зајакнување на правната заштита на учесниците на тендерите, овозможува новиот Закон за јавни набавки што на 6 ноември беше донесен во македонското Собрание, а ќе почне да се применува од почетокот на идната година.
На денешната промоција на Законот за јавни набавки присуствуваше министерот за финансии Трајко Славески кој рече дека донесувањето на законот се темели на обврските за усогласување на македонското законодавство со она на Европската унија и оти појдовна основа за изготвување на законот се Директивите на Унијата кои ја регулираат областа на јавните набавки.
– Овој закон почива на принципите на транспарентност, конкуренција, еднаков третман и недискриминација и рационално и ефикасно искористување на јавните средства, истакна министерот Славески.
Со Законот се воведува нова терминологија која е во согласност со терминологијата на директивите на Европската унија. Како новина се предвидуваат две групи услуги во согласност со анексите на директивата и се воведува стандардизирање на огласите што ќе претставува олеснителен чекор за договорените страни. Со законот се пропишуваат нови постапки и тоа отворената постапка, ограничената постапка, конкурентен дијалог, постапка за преговарање со и без претходно објавување на јавен оглас, како и барање за прибирање на понуди.
Се очекува со законот да се постигне зголемена ефикасност во постапките за доделување на договори за јавни набавки, зголемена употреба на електронските средства и натамошна професонализација во спроведувањето на јавните набавки.
Извор: МИА