15.01.2007 Македонија е на 71 место во светот од 157 рангирани држави во Индексот на економски слободи, што е напредок за четири места во однос на лани.
Ова се наведува во најновото истражување на специјализираната Фондација Херитиџ, во кое се посочува дека Македонија остварила 60,8 индексни поени, што е подобрување за 0,2 поени.
Максимална можна оценка се 100 индексни поени, а просекот на сите 157 држави во светот изнесува 60,3 индексни точки.
Оценувањето се врши врз база на десет категории, а Македонија најдобро е оценета во категориите монетарна слобода 91,1 поени и фискална слобода со 90,0 поени. Најлоша оценка има во категоријата слобода од корупцијата (27 поени) и имотни права (30 поени).
Во споредба со европските држави, Македонија се наоѓа на 32 од 41 рангирани држави. Зад Македонија се Молдова, Турција, Полска, Грција, Хрватска, БиХ, Русија, Украина и Белорусија. Од регионот, Црна Гора и Србија не се рангирани.
На глобално ниво најдобар индекс на економска слобода бележат Хонг Конг и Сингапур, трета е Ирска, пред Австралија и САД.
Според Индекот 2008, само седум од 157 држави имаат над 80 поени, кое ги прави „слободни“ економии. 23 држави се со резултат помеѓу 70-80 точки, што значи „речиси слободна економија“. Македонија, заедно со 50 други држави, кои имаат помеѓу 60-70 поени, спаѓа во категоријата „средно слободни“ економии, а „речиси неслободни“ се оценети 52 економии, кои забележале 50-60 поени. Преостанатите 24 држави, кои имаат помалку од 50 индексни поени се третираат како „неслободни“ економии.
Извор : Макфакс