30.04.2008 Денес, на 30.04.2008 година, со почеток во 11 часот, во просториите на Министерството за Економија се спроведе постапката за отворање на понудите за тендерот за изградба на ХЕЦ Чебрен и ХЕЦ Галиште на Црна Река. Според проценките направени во рамки на студијата на генерални инвестиции ( General investment study) изработена во рамки на CARDS програмата во 2004 година, проценките за вредноста на изградба на овие капитални објекти се 159 милиони евра за Чебрен и 200 милиони евра за Галиште, што ја прави оваа инвестициона зделка поголема од онаа за продажбата на ЕСМ. Покрај ова, учесникот на тендерот ќе ја добие и ХЕЦ Тиквеш која се проценува на 1.4 милиони евра, а произведува струја од 200 ггвч.
Иако за ова не постојат јасни информации, предмет на овој тендер се: Концесијата за води на Црна Река, Инвестициските договори за изградба на хидроелектраните, како и договорите за користење на ХЕЦ Тиквеш. За секоја од овие позиции со најдобриот понудувач ќе се склучуваат посебни поддоговори во кои ќе бидат дефинирани условите.
На крајот на март оваа година Владата објави дека го одлага рокот за доставување на понуди до 30 април, со образложение дека на овој начин ќе се обезбеди поголема транспарентност во постапката. До тогаш свое учество на тендерот за изградбата на ХЕЦ Чебрен и ХЕЦ Галиште на Црна Река имаа најавено следните компании: Конзорциумот RWE од Германија & HSE од Словенија; VERBUND од Австрија; ENEL Spa од Италија; STATKRAFT од Норвешка и EDISON Spa од Италија.
На утврдениот последен термин за доставување на понудите, поточно до 10 часот на 30.04.2008, во архивата на Министерството за економија биле доставени само две понуди. Откако тендерската комисија ги отвори понудите се констатира дека понуди доставиле:
Конзорциумот RWE од Германија & HSE од Словенија и VERBUND од Австрија. Притоа Конзорциумот понуди 47% учество во инвестицискиот проект и 39 години концесија, додека Австриската компанија понуди 33% учество и 50 години концесија.
Во наредниот период тендерската комисија треба да ја спроведе постапката за евалуација и да одлучи кој од понудувачите ќе го добие тендерот.
Останатите најавени учесници не доставија свои понуди. Според сознанието на Транспарентност нулта корупција, истите незадоволни од нерамноправниот третман на учесниците на тендерот, како и од фактот дека од Владата не била подготвени на комуникација со учесниците во тендерот во однос на условите во проектната документација.
Се чини дека старата практика на нетранспарентни тендери, кои се спроведуваат според нетранспарентни услови и во рамни и нетранспарентни постапки продолжува, и покрај лошите досегашни искуства. Поради ова го повикуваме Министерството за Економија да ги објави во целост резултатите на евалуацијата на понудите, како и текстот и содржината на сите поддоговори кои се подготвени да бидат склучени со најдобриот понудувач. Да потсетиме дека тендерската постапка не дозволува било каква дополнителна измена на текстот и содржината на договорите, од онаа што е подготвена за време на постапката.
“Транспарентност – Нулта Корупција“ во континуитет ги следи случувањата во сферата на енергетиката и наша генерална оценка е дека тие досега се одликуваат со исклучителна нетранспарентност, како во делот на тендерските услови и така и во склучените договори. Оваа наша активност ќе продолжи и понатаму, имајќи предвид дека изградбата на енергетски проекти може да има неповратни последици за економијата, за економскиот развој и за екологијата, поради што треба да се одвива во целосно транспарентни услови. Во дополнение потсетуваме дека Република Македонија е потписник на ЦЕФТА договорот, кој предвидува воспоставање на регионален енергетски пазар до 2010 година, што значи дека градењето на нови енергетски објекти треба да се заснова на регионални економски, социјални и еколошки критериуми.
ТРАНСПАРЕНТНОСТ – НУЛТА КОРУПЦИЈА