Шест гласа доби и пресудата за клевета на Основниот суд во Велес за новинарот Стоилко Андреевски. Дописникот на „Вечер“ по само едно одржано рочиште, беше осуден за текстот „Чедо Петров ја купува велешка Топилница?". Тужба поднесе Петров, затоа што новинарот објавил дека тој стои зад фирмата која повторно ја купува топилницата. Таа информација била соопштена на прес-конференција од членови на еколошки организации и така е пренесена.
На второ место на листата најматни настани во мај со пет гласа е не плаќањето патарина од страна на партиски активисти. Медиумите регистрираа најмалку два случаи кога колони возила со партиски активисти на ДПА и ДУИ упатени на митинзи за време на изборната кампања не платија патарина на патот Скопје-Тетово. Истовремено токму за неплатени патарини се водат судски и истражни постапки (Змиско око) против околу 90 вработени во патарините.
На листата на бистри настани два предлога го делат првото место со по 8 гласа.
Инспекторот на УЈП Љупчо Паневски полицијата го уапси со 5.000 евра – мито за изготвување финансиски извештај за скопската фирма „Каска транс“. Според полицијата, инспекторот првично за обработка на извештајот побарал 10.000 евра.
Сопственикот на фирмата „Арарат“, Миодраг Марковиќ доби четири години затвор за перење пари (600 милиони денари) со кои подоцна купувал движен и недвижен имот во земјава, меѓу кои и охридски „ЕМО“. Црногорскиот државјанин во текот на судскиот процес го негираше обвинението, кое го товари дека купувал акции во охридски „ЕМО“ и во други фирми со пари од даночно затајување. Се очекува одлука на судот дека тој мора да ги врати парите за кои се товари дека ја оштетил државата.
Анкетата „Бистро – Матно“, во која учествуваат главни уредници на национални медиуми, како дел од борбата против корупцијата се спроведува од декември 2004. година. Во анкетата за мај учествуваа телевизиите А1, Алсат. Канал 5, Сител и Телма, радио Канал 77, интернет изданието Лоби, дневните весници Бизнис, Вечер, Вест, Време, Дневник, Лајм, Утрински весник, Нова Македонија, неделниците Глобус, Капитал и Фокус.