07.07.2008 Има согледувања дека во македонското образование има корупција, но нема многу вистински случаи за да може да се зборува за проблем со корупција онака како што е дефиниран во Кривичниот законик.
Ова денеска го изјави Слаѓана Тасева од невладината организација Транспаретност нулта толеранција на трибината „Знаењето е вистинска инвестиција – образование без корупција“, во рамките на проектот „Антикорупциски мерки во образованието“ имплементиран од македонската Влада, а финансиран од Владата на Кралството Норвешка.
Тасева смета дека корупцијата и коруптивното однесување го загрозува образовниот процес и неговиот квалитет, го нарушува интегритетот на овие институции, но и на учесниците во него. Студентите и професорите, според неа, не ги почитуваат правилата на однесување.
Ова, како што беше истакнато на трибината, го практикуваат и студентите и професорите. Според досегашното искуство, студентите не пријавуваат или ретко пријавуваат корупција. На битолскиот универзитет „Свети Климент Охридски“ корупција од страна на професорите била пријавена во полиција, што, како што истакнаа учесниците, посочува на фактот дека студентите немаат доверба во институциите.
Говорниците на трибината, меѓу кои и студентите, се заложија за создавање правилник за оценување, што ќе придонесе за промена на начинот на однесување на студентите и ќе го сведе на минимум индивидуалниот пристап на професорите.
Претседателот на Сојузот на студентите на скопскиот универзитет „Свети Кирил и Методиј“ Самоил Малкоски рече дека студентските реформи, што започнаа неодамна, ќе ја повратат довербата кај студентите. Првпат студентскиот правобранител на овој универзитет ќе биде студент. Реформите ќе завршат на почетокот на ноември, а првите резултати од нив ќе се почуствуваат во јануари идната година.
Малкоски исто така посочи дека треба да се обрне внимание и на начинот на именување на помладите соработници, асистентите и професорите на факултетите.
Љупчо Спасовски, раководител за основно и средно образование во Министерството за образование, истакна дека спроведувањето на државната матура ќе придонесе за сузбивање на корупцијата бидејќи „резултатите од матурата ќе бидат услов за влез во високото образование“.
– Дисциплината и одговорноста на директорите, наставниците, учениците и родителите ќе се зајакне во искоренувањето на и онака малиот обем коруптивни дејства во средното образование, изјави Спасовски.
Норвешкиот амбасадор во земјава Карл Вибу укажа дека треба да се работи на сузбивање на корупцијата и едуцирање на младите, кои во најлош случај би можеле корупцијата да ја сметаат како вообичаена норма.
Во прилог е говорот на Н.Е. Карл Вибу Speech_of_HE_Carl_S._Wibye