10.07.2008 Насилството и неправилностите на предвремените избори, кои завршија со еден загинат, десетици ранети и повредени во престрелки и тепачки е најматен настан во јуни.
Ова е оценка на 18 главни уредници во највлијателни печатени и електронски медиуми во Македонија, во анкетата „Бистро – Матно“ на Независната новинска агенција Макфакс и на невладината организација „Транспарентност – нулта корупција“.
Единаесет уредници ги избраа изборите, кои се сведоа на канибалска борба за власт, во која не се избираа средства, ниту пак беше важен угледот на државата, за најматни. Македонија со вакви избори испрати лоши сигнали за демократските процеси, загуби време и чекор во евроатланските интеграции.
Скапите партиски кампањи, уште еден настан поврзан со изборите е на второ место на листата најматни настани, со пет гласа. Антикорупциската комисија оцени дека партиите во кампањата потрошиле повеќе пари отколку што им дозволува законот.
Официјалните ценовници на медиумите за платеното претставување на партиите, посочуваат дека далеку се надминати законските лимити, се чекаат конечните извештаи.
Два „матни“ гласа доби спорот меѓу нафтените компании Макоил и Лукоил за сопственоста врз земјиште во Скопје. И двете компании тврдат дека легално го купиле и оти се сопственици на имотот.
Најбистар настан во јуни со убедливи 15 гласа е најавата од велешани дека сами ќе си го спасуваат градот од топилницата. Членовите на Одборот за спас од велешката топилница побараа од надлежните да преиспитаат, дали е регуларен тендерот за продажба на топилницата. Доколку институциите останат глуви на барањата, екологистите најавија радикализација на протестите.
Три гласа доби предупредувањето од учесниците во дебатата на „Транспарентност – нулта корупција“ дека Македонија повеќе губи отколку што добива ако дозволи изградба на хидроцентралите „Чебрен“ и „Галиште“.
Главна забелешка е дека хидроцентралите ќе ги исцрпат водните ресурси во Црноречието. Експертите посочија дека овие проблеми произлегуваат од лошите понуди за изградба на објектите, во кои не се водело сметка за интересите на сите корисници на водите.
Анкетата „Бистро – Матно“, во која учествуваат главни уредници на национални медиуми, како дел од борбата против корупцијата се спроведува од декември 2004. година. Во анкетата за март учествуваа телевизиите, Сител ,Телма, Канал 5, Алсат, А1, Алфа, радио Канал 77, дневните весници Бизнис, Вечер, Вест, Време, Дневник, Лајм, Утрински весник, Нова Македонија, неделниците Глобус, Капитал и Фокус.