Ова е оценка на 14 главни уредници во највлијателните печатени и електронски медиуми во Македонија, во анкетата „Бистро – Матно“ на Независната новинска агенција Макфакс и на невладината организација „Транспарентност – нулта корупција“.
Случајот „Глобал", со барање за покренување на истрага за сомневања за злоупотреба од осум милиони евра, за која беше обвинет струмичкиот градоначалник Зоран Заев со четворица соработници, заврши, но остана неразјаснет и како најматен доби осум гласа.
Аферата, во која имаше и многу политика, започна во февруари, кога МВР објави кривична пријава против Заев, за потоа да ја повлече и да му се извини. Во јули Заев и соработниците, беа приведени, па следеа протестите пред судот на опозициониот СДСМ.
Обвинителството инсистираше на притвор, а во тоа успеа во третиот обид, кога судскиот Кривичен совет ја определи мерката за обвинетите. Притворот и целата постапка, ја прекина одлуката на Претседателот Бранко Црвенковски за аболиција на осомничените. Одлуката беше најавена кон крајот на јули, а формално е донесена на втори август.
Втор најматен настан со четири гласа е неможноста да се пресмета штетата во судскиот процес „Змиско око". Вештите лице не можат да ја утврдат штетата на патарините, бидејќи само три од вкупно 28 бројачи на наплатните рампи биле исправни. При апсењето на првата група, од вкупно над 70 инкасанти, обвинети за кражба, кои минаа повеќе месеци во истражен затвор, беше наведена штета од 5 милиони евра.
Последни се спектакуларните бегствата на двајца затвореници од пред судот во Прилеп и од затворот „Идризово“.
Апсењето на двајца инспектори од полициската станица Карпош за примање поткуп, пријавени од скопјанец дека му барале 1.000 евра за да му го вратат моторот, што поради несоодветна документација бил запленет, е најбистар настан со пет гласа. Инспекторите, кои кривично ќе одговараат за примање поткуп, од сопственикот побарале 1.000 евра, по што договорот паднал на 500 евра.
Пет „бистри“ гласа доби и проект „Антикорупциски мерки во образованието“, што треба да обезбеди затворање на можностите за корупцијата и коруптивно однесување, кои го загрозуваат образовниот процес и неговиот квалитет, го нарушува интегритетот на овие институции, но и на учесниците во него. Проектот финансиран од Владата на Кралството Норвешка го спроведува Секретаријатот за Европски прашања.
На второто место со четири гласа е воведувањето пазарна економија во здравството. Болниците, колку услуги направиле и колку пациенти излекувале, толку пари и ќе добијат. Ова е новиот начин според кој започна финансирањето на болниците.
Анкетата „Бистро – Матно“, во која учествуваат главни уредници на национални медиуми, како дел од борбата против корупцијата се спроведува од декември 2004. година. Во анкетата за јули учествуваа телевизиите, Сител ,Телма, Канал 5, Алсат, А1, Алфа, радио Канал 77, дневните весници Бизнис, Вест, Дневник, Утрински весник, Нова Македонија, неделниците Глобус и Фокус.