Ова е оценка на 16 главни уредници во највлијателните печатени и електронски медиуми во Македонија, во анкетата „Бистро – Матно“ на Независната новинска агенција Макфакс и на невладината организација „Транспарентност – нулта корупција“.
Според гласањето, најбистар настан, е остварениот напредок на Македонија во борба против корупцијата, според индексот на „Транспаренси Интернешнал“.
Најматен настан во септември, според оценка на 7, од 16 главни уредници, е донесувањето на измените на Законот за прислушување, кој според сè погласни оценки е воведен со цел целосна контрола на граѓаните. Тврдењата дека прислушкувањето е во функција на борбата против корупцијата се само изговор, сметаат експертите, укажувајќи дека се отвора простор за корупција и организиран криминал, на највисоко ниво, таму каде што не можат да стигнат организациите за заштита на човековите права.
Народниот правобранител предупреди дека правото на приватност директно е поврзано со интегритетот на личноста и дека таа претставува гаранција за немешање на јавната власт во животот на поединецот.
На второ место на листата на матни настани во септември, со 5 гласа, е именувањето на директорите на Управата за јавни приходи, на Царинската управа и на владината Општа служба и за членови на Управни одбори на три јавни претпријатија.
Антикорупциската комисија и експертите предупредуваат дека со закон е забрането избраните функционери да вршат уште една функција .
Во членот 21, став 4 од Законот изричито се вели дека избран или именуван функционер или службено лице не може истовремено да врши функција на одговорно лице или член на орган на управување во јавна установа или друго правно лице кое располага со државен капитал. Во случај на избор или именување му престанува поранешната функција
Молкот по обидот на политичкиот поткуп на пратеничката Зумрете Јакупи е на трето место на листата на најматни настани со 4 гласа. Засега нема никаква реакција на институциите по тврдењето на пратеничката на ДУИ дека пред година и пол добила понуда од 500.000 евра да премине во друга политичка партија.
Напредокот на Македонија во борбата со корупцијата е на прво место на листата на бистри настани со 8 гласа. Од вкупно 180 рангирани земји, Македонија е на 72 место според индексот во борбата со корупцијата. Тоа е скок за 12 места погоре на скалата на „Транспаренси Интернешнал“ во однос на ланската година.
Кампањата на отворени денови со Народниот правобранител и формирањето на коалицијата „Македонија Нулта корупција“ го делат второто место на најбистри настани, со по 4 гласа.
Анкетата „Бистро – Матно“, во која учествуваат главни уредници на национални медиуми, како дел од борбата против корупцијата се спроведува од декември 2004. година. Во анкетата за септември учествуваа телевизиите, А1, Алсат, Алфа, Канал 5, радио Канал 77, интернет порталот Лоби, дневните весници Бизнис, Вест, Време, Дневник, Лајм, Утрински весник, Нова Македонија, неделниците Глобус, Капитал и Фокус.