"Министерството за економија ги достави сите потребни документи до Владата и неделава информацијата треба да помине на комисијата за економија, по што следната недела треба да се разгледа и на владина седница", изјави Дураки.
Од Министерството за економија велат дека внимавале инвеститорите да добијат еднаков третман во тендерската постапка.
Неофицијални извори тврдат дека постапката се развлекува поради одредени отстапки од условите во тендерот, што ги понудиле инвеститорите. Наводно, РЊЕ побарал да му се надоместува намалениот доток на вода во акумулациите на хидроцентралите, но не со исплата на кеш, туку со продолжување на концесијата.
Владата досега не информираше детали за евентуалните отстапки понудени од инвеститорите.
Германската РЊЕ на тендерот понуди во јавното партнерство ЕЛЕМ да учествува со 47 отсто и бараат концесија од 39 години, а австриската "Вербунд" нуди на ЕЛЕМ 33 отсто учество и 50 години концесија. Инвеститорот под концесија ќе ја добие и ХЕЦ "Тиквеш", на што се спротивставија експерти бидејќи со тоа државата повеќе ќе изгуби, отколку што ќе добие.
Извор: Вест