Како и досега, така и на овие избори ни ВМРО-ДПМНЕ ни СДСМ не сакаат да кажат колку пари ќе трошат во кампањата. Нивниот одговор е дека се' ќе биде во рамките на законски дозволената сума. Главното прашање на кое никој не сака да одговори е – од каде планираат да соберат толку пари, кога се знае дека партии се непрофитни здруженија.
ПЕРЕЊЕ ПАРИ
Експертите предупредуваат дека постои опасност кампањата да биде извор на корупција и можност за перење нечисти пари.
Слаѓана Тасева од невладината „Нулта корупција“ предупредува дека политичката елита во Македонија се' уште нема волја да ги открие изворите на финансирање, бидејќи се' уште се финансира од нелегални извори. Таа тврди дека нема шанси овие пари да се законски, бидејќи ако некоја партија навистина може да собере легални 10 милиони евра, тоа значи дека Македонија и нејзините граѓани се многу богати.
– Ако средствата се легални, никој нема интерес да ги крие. Очигледно не се, па затоа ниту една власт или партија не се зафаќа со оваа работа сериозно, иако има механизми за тоа. Јас дури сум убедена дека нашите партии се финансираат и од странство, иако тоа е забрането со закон. А на сите ни е јасно дека кој каква политика ќе води, зависи од тоа кој го финансира – вели Тасева.
Државниот завод за ревизија (ДЗР) се' уште нема подготвено извештаи за работата на партиите од претходните парламентарни избори. Сепак, извесно е дека финансиските извештаи на партиите ќе бидат слични на оние од изборите во 2006 година, кога и ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, како најголеми партии, доставија извештаи во кои како главни финансиери ги наведуваат своите членови и функционери, кои донирале по две-три илјади евра. Ваков начин на финансирање партиите најавуваат и за овие избори.
ЧЛЕНАРИНИ И ДОНАЦИИ
Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски, вели дека парите за кампањата ќе ги обезбедат преку донации, спонзорства, членарина и други приходи.
– Јас лично на секои избори донирам по една или две плати, а такви како мене во партијата има многу. Состојбата на двете сметки за овие избори верувам дека е нула во овој момент, што значи дека уште немаме реална претстава колку пари и од каде ќе се соберат – вели Димовски И портпаролот на СДСМ, Емилијан Станковиќ, најавува скромна кампања, без да прецизира колку пари ќе потрошат.
– Ќе се финансираме од донации и членарини. Членарината е 100 денари, а членовите што се на функции донираат извесен процент од платата – вели Станковиќ. Според Тасева, ако постои волја, може да се утврди дали се тоа легални пари. УЈП и Дирекцијата за спречување на перење пари треба да ја испитаат секоја донација, независно дали е 500 или 5.000 евра, колку што може да донира физичко лице.
– Истото важи и за правните лица, кои може да донираат до 20.000 евра. УЈП треба да утврди од каде конкретното лице ги стекнало парите – дали ги подигнало од трансакциската сметка, дали од редовните примања можеле да заштедат толку и други аспекти. Така ќе се докаже дали тие се легални или црни пари. Ако институциите затајат, тоа ќе значи дека во Македонија има многу црн капитал и дека е рај за перење пари – додава Тасева. Таа потенцира дека треба да се проверуваат и сметките од исплатите за сите услуги: билборди, изнајмување простории, плоштади, реклами во медиуми, ангажирање естрадни ѕвезди, маици, капи…
БИЗНИС-РЕЛАЦИИ
Иако ДЗР констатира дека за изборите во 2006 година ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ потрошиле повеќе од дозволеното, изнајмувале простории без покритие, користеле возила од јавни претпријатија, се рекламирале повеќе отколку што пријавиле, досега никој не одговарал за тие нерегуларности. Поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини, вели дека многу лесно може да се претпостави од каде партиите добиваат пари за кампањата.
– Онаа партија што е на власт е многу врзана со бизнисмените. Власта има механизми на контрола со кои може многу лесно да обезбеди пари за кампања. Вообичаено е бизнис-релации да постојат и со власта и со опозицијата. Тоа се финансиски игри во чија трага многу тешко може да се влезе, бидејќи се покриени од државните институции, кои се партизирани – додава Хајредини.
Тој нагласува дека бизнисмените даваат многу пари затоа што знаат дека ќе им се мултиплицираат, бидејќи партијата на власт ќе им се оддолжи за „услугата“. Тоа се прави преку фаворизирање тендери и други форми преку кои фирмите остваруваат поголема корист од таа што ја дале. Сето тоа оди на штета на граѓаните и на државниот буџет.
Извор: Дневник