Комисијата за огласот треба да ги оцени доставените пријави и да направи листа со компании што ги исполниле условите. Досега ова е трет оглас за изградба на хидроцентралите „Чебрен“ и „Галиште“. Првиот оглас беше одложен по барање на компаниите. При вториот, според министерот за економија Фатмир Бесими, двете компании што доставија понуди, „Вербунд“ и РВЕ, побараа да се променат условите на огласот. Тие побараа рокот за концесија на хидроцентралата „Тиквеш“, наместо 39 години како што беше предвидено во документацијата на јавниот оглас, да се продолжи на 70 години, што овој пат беше направено. Втората забелешка била во однос на учеството на државната компанија ЕЛЕМ во овој проект.
Двете компании, исто така, се сомневале дека водниот потенцијал на Црна Река е помал од прикажаниот во документацијата, па барале финансиски гаранции дека Владата ќе им ги надомести загубените количини произведена струја со пари од буџетот или со продолжување на концесијата за користење на хидроцентралите.
На првиот оглас, објавен во 2006 година, за изградба беа заинтересирани дури 12 компании, меѓу кои холдингот „Словенечки хидроелектрани“, норвешки Статкрафт, австриски ЕВН. Веќе на вториот оглас ниту една од нив не достави нова понуда. Според експертот за хидроенергија, Јордан Ставров, норвешката компанија „Статкрафт“, по одложувањето на првиот оглас, испратила писмо до Комисијата, во кое се вели дека објектот „Чебрен“ со предимензионирани карактеристики нема никаква техничка, ниту економска оправданост. „Статкрафт“, заедно со ЕВН, сега инвестира во хидроцентрали во Албанија. Според експертите, германски РВЕ конкурира на предимензионираниот оглас, бидејќи истовремено ја гради нуклеарната централа „Белене“ во Бугарија, па многу им е потребна голема реверзибилна хидроцентрала во регионот. Токму таква е „Чебрен“, која ќе биде резерва во случај на испад на еден од реакторите во нуклеарката додека да се санира проблемот.
Ставров веќе неколкупати предупреди дека со ваков проект за „Чебрен“ и „Галиште“, Македонија го става под знак прашалник развојот на Пелагонија, бидејќи се предвидува целата вода од Црна Река да се користи за производство на електрична енергија.
– Уште побитно е тоа што ќе си направиме конфликт со Грција за меѓудржавните води. Бидејќи Македонија со овој проект ќе го блокира дотекот на определено количество вода преку Вардар во Грција, за што јужниот сосед ќе бара да плаќаме пенали – вели Ставров.Според него, уште еден лош елемент е тоа што со овој проект, хидроцентралата „Тиквеш“, која е екстремно битна за македонскиот електроенергетски систем, ќе му ја дадеме на 70-годишна концесија на инвеститорот. Вкупната инвестиција во проектот ХЕЦ „Чебрен“ и „Галиште“ се проценува на околу 600 милиони евра, а инсталираната моќност треба да биде околу 600 мегавати.
Извор: Дневник