22.04.2009 Македонија направи добар прогрес во исполнување на критериумите и можно е годинава да добие препорака за визна либерализација.
Ова вечерва го порача еврокомесарот за проширување Оли Рен на заедничката прес конференција со шефот на македонската дипломатија Антонио Милошоски, јави дописникот на Макфакс од Брисел.
„Земјата направи добар напредок во исполнувањето на условите за визна либерализација. Европската комисија наскоро ќе ја соопшти финалната оценка и најверојатно ќе препорача визна либерализација за земјите кои ги исполнуваат условите – изјави Рен, оценувајќи дека тој план Македонија е меѓу најподготвените.
Во врска со одредувањето датум за Македонија за почеток на преговори со Европската унија, Рен наведе дека пред земјата нема нови услови и оти е потребно удвојување на напорите во спроведувањето на реформите во судството, јавната администрација и борбата против корупцијата.
Според најавите, доколку Македонија ги исполни поставените критериум, до крајот на годинава може да добие датум за почеток на претпристапни преговори со Унијата.
Зборувајќи за разликите околу името со Грција, еврокомесарот Рен изрази очекување дека годинава ова прашање може да биде решено.
– Сега кога владата во Скопје е зајакната, нашите очекување се големи, мудро да се вклучат поактивно во решавањето на спорот со Грција, посочи еврокомесарот за проширување Оли Рен.
Извор:Макфакс