Најбистро со девет гласа е зголемувањето на бројот на решени судски предмети од септември лани до март годинава
Ова е оценката на 19 главни уредници на печатени и електронски медиуми во Македонија, во анкетата „Бистро – Матно“ на Независната новинска агенција Макфакс и на невладината организација „Транспарентност – нулта корупција“.
Пратеникот Владо Бучковски обвини дека во обид да го затскрие скандалот со двојните примања „Владата ретроактивно го одјавува министерот за правда од платниот список на Владата, иако земал четири месеци плата“.
Владата неделава соопшти дека скандалот со истовремената исплата на плати и пензии засега барем 148 лица, наводно поради пропусти во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
Еден „матен“ глас доби тврдењето на Судскиот совет дека „нема многу негативни оценки за работата на судиите“, откако 50% од испитаниците во анкета на Транспаренси Интернешнл изјавија дека судството е најкорумпирано, како и опасноста за нетранспарентност во јавните набавки, поради субјективно одредување на критериумите за избор на најповолна понуда, одолговлекување на донесувањето одлуки и друго.
Во бистрите настани „победи“ решавањето за шест месеци на над 4.600 судски предмети, кои претходно се чувале во фиока, откако судиите се соочиле со парични казни и разрешување од функцијата.
Шест бистри гласа доби конференцијата за борба против корупција што се одржа во Охрид.
Во анкетата „Бистро – Матно“ за јуни учествуваа телевизиите, А1, Алсат, Алфа, Канал 5, Телма, Наша ТВ, радио Канал 77, дневните весници Бизнис, Вест, Време, Дневник, Лајм, Утрински весник, Нова Македонија, неделниците Глобус, Капитал, Фокус и Форум и електронското издание на Лоби.