– Прес конференцијата на ВМРО ДПМНЕ од 22. 01. 2011 и
– Демантот од Министерот за Финансии, г-дин Зоран Ставревски
Објавени во врска со Прес конференцијата на Транспарентност Нулта корупција одржана на 21. 01. 2011 година, кога го објавивме Антикорупцискиот скандал со Незаконитостите во Финансирањето на политичките партии.
Во двете реакции не се понудени никакви аргументи кои би се спротивставиле на нашите, туку се прави атак над мојата личност и интегритет.
Со оглед дека на прес конференцијата ВМРО ДПМНЕ не приложи никакви аргументи со кои јавноста би ја убедиле во спротивното од нашите тврдења за незаконитости во финансирањето на политичките партии, очекуваме оваа дилема да се расчисти од страна на Уставниот Суд и Јавното Обвинителство. Податоците кои не ни ги достави Министерот Ставревски ќе ги бараме и понатаму користејќи ги можностите што ги даваат законите.
Транспарентност Нулта корупција како невладина организација регистрирана во Република Македонија е активен член на Transparency International. Основната цел на организацијата е борба против корупцијата, воспоставување на владеење на правото и демократијата, како предуслови за зачленување во Европската Унија и за подобар живот на граѓаните на Република Македонија.
Моето лично делување на полето на борба против корупцијата трае веќе 10 години. Во целиот овој период сум била соочена со најразлични форми на реакции и притисоци од страна на политичарите, особено кога тие биле на власт, но и од поединци и медиуми кои биле блиски до власта.
Само ќе потсетам дека последните прес конференции против мене ги држеше СДСМ во 2006 година, како реакција на одлуката на Државната Комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) во врска со становите на мајката на Премиерот Никола Груевски. Тогаш правно издржано, без политика јас бев таа што на прес конференција објавив дека Комисијата нема надлежност да постапува. Вторпат беше кога го објавивме случајот Бачило.
Во своите реакции политичарите секогаш настојувале да ме дискредитираат како личност, но без успех. Начинот на работа заснован на објективност и добро образложени аргументи, личните принципи и личниот интегритет станаа препознатливо обележје на мојата работа и на мојата личност.