28.05.2012 По вестa објавена во медиумите, за тоа дека “Државната комисија за спречување на корупцијата и Бизнис конфедерацијата на Македонија, заеднички ќе изработуваат стратегија и етички кодекс за водење бизнис без корупција“, би сакале да ве информираме дека во Република Македонија вакви етички кодекси веќе се изготвени и истите постојат од 2007 година.
Транспаренси Интернешнл – Македонија во соработка со Стопанската Комора на Македонија и Стопанската комора на Северо-западна Македонија изготви “Кодекс на деловна етика и однесување на акционерски друштва“ како и „Кодекс на деловна етика и однесување за мали и средни претпријатија“, кои se имплементирани од повеќе компании, членки на овие стопански комори. Кодексите може да ги видете на веб страната на Транспаренси Интернешнл – Македонија и на веб страните на овие стопански комори, а истите се објавени и во публикацијата “Нула толеранција за корупцијата“.(http://www.transparency.org.mk/index.php?option=com_content&task=view&id=216&Itemid=61 )
Покрај ова, во 2010 година беше преведена и публикувана иницијативата “Деловни принципи за борба против поткуп“ ,иницијатива на повеќе засегнати страни предводенa од Transparency International, а која е прифатена од бизнис заедницата во меѓународни рамки. Публикацијата беше промовирана во Стопанската комора на Македонија во присуство на поголем број претставници од приватниот сектор во РМ. (http://www.transparency.org.mk/images/stories/bpcb_macedonian_ver.pdf )
Во исто време, Транспаренси Интернешнл – Македонија, ја потсетува јавноста и засегнатите страни дека во соработка со Стопанската Комора на Македонија и Стопанската Комора на Северо-западна Македонија, пет години по ред беа избирани компании со добро корпоративно управување на кои им беа доделувани сертификати по претходно поставена методологија за избор.
Информицијата ви ја доставуваме со намера да придонесене кон заложбите да се избегне дуплирање на веќе реализирани активности, а со цел за поголема ефикасност и транспарентност во трошење на средства од донорите и буџетот на Република Македонија.
Транспаренси Интернешнл – Македонија