Во законот за финансирање на политичките партии се уредени начинот и постапката за обезбедување на финансиските средства, потоа располагање со средствата за тековната работа и дејствување на политичката партија, но најважно од се се промените во начинот на контрола на финансирањето и финансиско-материјалното работење на политичките партии.
Последниот извештај на ГРЕКО укажува дека досегашните измени и дополнувања на Изборниот законик се повеќе козметички во однос на финансирањето на предизборните кампањи и дека мал напредок е направен во транспарентното трошење на финансиските средства од страна на политичките партии за време на изборната кампања.Оттаму и предложените измени се однесуваат на редовното финансирање на политичките партии, како и во однос на потребата од државните органи да превземат поконкретни чекори за да се осигури дека се воспоставени неопходните процедури за да можат да се применат санкциите, како што е губењето на јавно финансирање.
Исто така, препораките се насочени кон уредување на постапките потребни за да информираат и обучат политичките партии за нивните обврски за поднесување на финансиски извештаи и да се обезбеди порационален и проактивен систем на надзор и санкционирање. Во таа насока се предложени измените и дополнувањата на законот и тоа:
-транспарентност во финансирање на политичките партии ќе биде обезбедено со обврска на својата веб-страница да го објавуваат регистарот на донации на секои шест месеци за изминатиот шестмесечен период, во рок од 15 дена од денот на истекот на шестмесечниот период или на друг соодветен начин да го направат достапен до јавноста.
-во зајакнување на системот и на контрола и задолжителен надзор над работењето на политичките партии ќе учествува Министерството за финансии, кое најмалку еднаш годишно ќе спроведува обуки на политичките партии за материјално-финансиско работење на начинот на пополнување на фианнсискиот извештај.
Новина во измените на законот е и казнената политика која освен прекршочна казна предвидува и суспензија на финансирањето на партијата доколку не постапува според одредбите од законот и не поднесува редовни извештаи до Државниот завод за ревизија.
Она што на измените на законот за финансирање на политичките партии им фрла светлина на формализам се висините на казните. Имено, глоба во износ од 1.000, 2.000, 5.000, и 10.000, евра ќе се изрече на политичка партија ако не постапи во согласност со одредените одредби од овој закон. Овие суми се речиси безначајни ако се има предвид со колкави суми располагаат поголемите партии во Македонија и колку пари трошат за реклама и за кампања.
Извор: Ден